Ќамил Ковачи нов директор на „Улици и патишта“, тој е трет во мандатот на Арсовска

Градоначалничката Данела Арсовска и натаму продолжува со смените на директорите на јавните претпријатија што се во надлежност на Град Скопје. Денеска таа го постави третиот директор на ЈП „Улици и патишта“ за време на нејзиниот мандат од година и пол.
Саит Саит, од денес е разрешен од позицијата директор на ЈП „Улици и патишта“, а функцијата в.д директор на претпријатието од денес ќе ја извршува Ќамил Ковачи. Ковачи на позицијата доаѓа од местото секретар на општина Сарај, а има искуство во раководење со јавни претпријатија како долгогодишен директор на Јавното комунално претпријатие „Сарај“ – соопштија пред малку од Град Скопје и рекоа дека продолжуваат да работат во интерес на граѓаните, навремено, квалитетно и транспарентно.

Пред денешното именување на Ковачи за прв човек на ова јавно претпријатие, Арсовска постави и разреши двајца. Најпрво на таа позиција го назначи Борис Настов, а потоа, по кавгата со ВМРО-ДПМНЕ, на негово место дојде Саид Саид, кадар на ДУИ.