Амнестијата се развлекува додека судскиот процес ита кон пресуда

Предлог законот за амнестија  на кој што работеше подгрупата за помирување во рамки на собраниската Интерпартиска група за помирување, реформи и интеграција е веќе подготвен.  Текстот на предлог законот, како што инфомираа членови на подгрупата, е доставен од пратеници, а се очекува наскоро и официјално да биде предложен на Собранието за донесување.

Иако пратениците го имаат пред себе текстот на предлог законот со којшто треба да се амнестираат дел од обвинетите за упадот во Собранието на 27-ми април се уште не е презентиран во јавноста. Сепак, мали детали од тоа што содржи законот денеска откри премиерот Заев.

Според него, Законот за амнестија ќе значи помали казни, и амнестија за сите што не учествувале во насилството и не биле организатори.

„Членовите во законот што ќе доведуваат до идно казнување нема да бидат тероризам со над 10 години казни, туку ќе бидат помали почетни казни. Но, казни ќе има. Со законот ќе се испрати пораката, казнувањето мора да постои, но и најважната порака е да нема мешање во правосудството“, вели Заев.

Се очекува предлог законот да биде во целост подготвен, како што најавува премиерот, до крајот на оваа или почетокот на следната недела.

„Казни ќе има, но ќе се стави дистинкција на тоа што значи судска, а што политичка одлука. Конечната цел е да донесе помирување, подавање рака меѓу Собранието, но со тенденција тоа да продолжи и на вертикално ниво, и кај навивачките групи, и во општините и кај подмладоците во партиите“,…истакна Заев.

Инаку, извори кои работеа на предлог законот открија дека законското решение ќе содржи клаузула според која што обвинетите ќе треба да се произнесат односно сами да побараат амнестија според идниот Закон за амнестија.

Во меѓувреме во Кривичниот суд денеска продолжи судењето за  27-ми април. Пред судот се изведуваат смс и вибер пораки кои ги разменувале пратеници и други лица во пресрет на собраниските настани, но и потоа.

Процесот продолжува во понеделник со разгледување на дополнителни докази поднесени од обвинетите, по што ќе следат завршни зборови пред судот да донесе пресуда за случајот.

За 27-ми април обвинети се 33 лица меѓу кои петмина пратеници, поранешниот министер за внатрешни и директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, иницијаторите на протестите „За заедничка Македонија“ и други лица кои обвинителството ги товари за „терористичко загрозување на уставниот поредок“.

Двајца од првично обвинетите досега признаа вина и беа осудени на година и три месеци затвор едниот и на две години условна казна другиот.