Четворочленото семејство од Велес, кое настрада во сообраќајна несреќа во Србија, пред два дена, успешно се опоравува во болниците во Чуприја и во Белград, пишува српскиот весник „Курир“, пренесува Нетпрес.
„Таткото, мајката и четиригодишниот син се сместени во болницата во Чуприја, и сите тројца се вон животна опасност. На второто дете, кое има две години, му е ампутирана раката и е згрижено во одделението за интензивна нега во Институтот ’Мајка и дете’ во Белград“, се вели во објавениот текст.
Сообраќајната несреќа се случи во вторникот во околу 13 часот кај селото Милошево во близина на градот Јагодина во Србија. До несреќата дошло кога автомобил марка „пежо“, со велешки регистарски ознаки, излетал од патот Белград-Ниш и завршил во тревата.
„Возачот кој се движел во правец кон Белград изгубил контрола врз возилото и удрил во заштитната ограда. Ударот бил толку силен, што автомобилот се превртел. Децата седеле позади, додека жената била на совозачкото место“, пишува весникот.