Амстердам планира да забрани пушење „тревка“ во центарот на градот

Властите на холандската метропола Амстердам планираат да го забранат пушењето марихуана во центарот на градот во една од низата мерки за спречување на прекумерното „журкање“ на туристите и заштита на тоа подрачје за локалното население.

Се очекува дека новите прописи ќе влијаат врз ноќниот живот, што беше еден од препознатливите белези на Амстердам и магнет за туристите од целиот свет. Градските функционери велат дека отворениот и слободарски карактер на Амстердам им дава погрешен впечаток на посетителите дека „сѐ може да мине и дека сѐ е дозволено“.

Со планираните мерки ќе се бара овој „кетеринг“ и проституцијата во излозите да затвораат порано навечер и да се постават построги ограничувања за популарните ергенски вечери и организираните посети на пабовите.

Градските власти планираат и кампања за обесхрабрување на странските туристи да доаѓаат во Амстердам за да се „опуштат“.

Планираната забрана за пушење „тревки“ во деловите од центарот на градот не е насочена на нивната продажба во кафулињата, туку на консумирањето на отворените јавни простори, како на некои плоштади и улици. Прекршителите ќе бидат санкционирани со високи парични казни.

Амстердамските градски власти сакаат центарот на градот да го заштитат од „претераниот туризам“, односно од доаѓањата на повеќе туристи отколку што ова подрачје може да поднесе.

Се очекува дека во текот на 2023 година во Амстердам ќе допатуваат 18 милиони посетители, а градските власти наведуваат дека годишниот лимит е 20 милиони луѓе.

Амстердам има околу 900.000 жители, а градскиот совет има намера да ги донесе построгите прописи во пресрет на годинешниот католички Божик.