Од следната 2024 година, на посетителите во Амстердам ќе им се наплаќа највисоката туристичка такса во Европа во обид да се намали нередот низ градот и последиците од масовниот туризам.
Поскапувањето ќе изнесува до 12,5 отсто, што значи дека со просечна цена за ноќевање од 175 евра по лице, туристичката такса од 15,25 ќе порасне на 21,80 евра за ноќ.
„За споредба, градските такси во Барселона во просек се околу 2,25 евра по лице на ден, додека во Париз генерално може да се очекува да платите околу 4 евра по лице по ноќ“, пишува на веб-страницата Lonely Planet.
Туристичката такса ја зголемува цената со што посетителите би дале поголем придонес за градот, а мерката ќе придонесе и за борба против нередот и масовниот туризам“, најавуваат градските власти.
Амстердам, со околу милион жители, последните години се мачеше да се справи со 20 милиони посетители годишно, од кои многумина поминуваа само еден ден во градот.
„Со цел да се одржи квалитетот на животот во Амстердам, градот работи на спречување на типот на туризам кој предизвикува непријатности кај населението, како и кај туристите и постави максимален број посетители“, соопштија властите.
Амстердам долго време е магнет за хедонистите, кои најчесто ги привлекуваат кафулињата за марихуана и квартот на „црвените фенери“, а на жителите и на градските власти прекуглава им е дојдено од сè почесто пијанчења и нереди. Така, на пример, оваа година на британските туристи им беше кажано да ги организираат своите често развратни ергенски забави на друго место.