Анѓушев до антикорупционерката Ивановска: не сум сопственик на ЕУРОНИКЕЛ (ФЕНИ), каде на други места давате неточни податоци за мене?

Кочо Анѓушев ги демантира и ги отфрла тврдењaта на Билјана Ивановска, претседател на Антикорупциската комисија, дека Анѓушев е сопственик на фирмата ЕУРОНИКЕЛ, (фирма која е сегашен сопственик на поранешно ФЕНИ).

Ова, како што се вели во реакцијата, незамисливо тврдење е изречено јавно од претседателката на најзначајното тело за борба против корупција во државата на реномираната емисијата „Топ Тема“ на сериозна телевизија, ТВ Телма.

„Не сум сопственик, ниту сум имал ниту имам некаква сопственичка врска со Фени и Еуроникел и антикорупциска комисија си има документи од кои се гледа кој е сопственик. Тие документи се наоѓаат во Централен Регистар и секој граѓанин може да ги види. Не можам да разберам зошто Ивановска го зборува ова”, прашува Анѓушев.

И во телефонски разговор со претставник од Фероинвест кој ѝ предочил дека податокот не е точен, Билјана Ивановска продолжила да застапува став дека Анѓушев е сопственик, потоа дека нејзината изјава не е од значајна важност, па се до ставот дека не мислела на начин како што ја изнела изјавата.

„Сметаме дека е важно да се знае каде на други места Билјана Ивановска дала ваква погрешна информација и тврдења за Кочо Анѓушев, пред кои институции, пријателски држави и други инстанци“, се додава во реакцијата.

Линк до емисијата Топ тема на You tube , реакцијата се однесува на излагањето на претседателката на ДКСК за поврзаноста на проф. д-р Кочо Анѓушев со Еуро Никел/Фени индустри кое започнува од 25 минута и 9 секунда од видеото.