Александар Новаковски, адвокатот на обвинетиот Миле Јанакиески во судскиот процес за организаторите на настаните од 27 април вели дека ќе поднесе жалба до Апелацискиот суд веднаш штом написмено ќе ја добијат пресудата, изречена од судечкиот совет на 26 јули, според која поранешниот министер е осуден на шест години и три месеци затвор поради терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста на државата.
– Очекувам по судската ферија написмено да ја добиеме пресудата и во рок од 15 дена колку што предвидува Законот за кривична постапка (ЗКП) ќе поднесеме жалба по сите основи од кривичната постапка – вели Новаковски за Плусинфо.
Тој објаснува дека во случајот со обвинетиот Јанакиески за кого, според адвокатот, треба да има ослободителна пресуда се направени материјални и суштествени повреди во постапката, а ќе се жали и поради, како што вели, погрешно и нецелосно утврдена фактичка состојба, како и поради висината на казната.
Пресудата, како што предвидува Законот за кривична постапка, мора писмено да се изготви во рок од 15 дена по објавувањето, а во сложени предмети по исклучок во рок од 60 дена. Овие рокови не можат да бидат пречекорени.
Против пресудата донесена во прв степен, бранителите можат да се жалат во рок од две недели од
од денот на доставувањето на преписот од пресудата. Ако второстепениот суд утврди дека постои суштествена повреда на одредбите на кривичната постапка и ја уважи жалбата по службена должност со решение ќе ја укине првостепената пресуда и ќе го врати предметот на повторно судење, освен ако не одлучи да одржи расправа пред второстепениот суд.
Адокатот Новаковски вели дека ќе бараат јавна расправа на Апелацискиот суд.
Законот за кривична постапка (ЗКП) предвидел второстепениот суд да може да нареди да се одржи нова главна расправа пред првостепениот суд пред целосно изменет совет, но може и само делумно да ја укине првостепената пресуда ако одделни делови од пресудата можат да се издвојат без штета за правилното пресудување.
Освен адвокатите и Обвинителството за гонење организиран криминал најави жалби поради, како што рече обвинителката Гордана Смаќоска по изрекувањето на пресудата, ниските казни за организаторите на 27 април. Обвинителката дури и направи споредба со висината на казната од седум години затвор за полесно кривично дело на поранешната обвинителка Катица Јанева.
Според Обвинителството, за делото за кое се осудени четворицата поранешни функционери за настаните во законодаввниот дом на 27 април 2017 година пропишани се минимум 10 години затвор.
Адвокатот Еленко Миланов, исто така, најави жалба на пресудата од судечкиот совет предводен од судијата Илија Трпков за наводните организатори на 27 април. Тој дури вели дека во текот на судењето не слушнал ниту еден факт за дејствија на кого било од осудените на вкупна казна од 25 години.
Пресудата, според Миланов, покажува дека во македонското судство има дежурни сведоци, дежурни лица кои даваат искази и се главни за сите предмети.
– Тоа е Александар Василевски Нинџа на кого уште еднаш му се поклонува верба и покрај сите факти што ги изнесе одбраната – рече адвокатот Миланов кога пред десетина дена најави жалба на пресудата.
Осудени за загрозување на уставниот поредок и безбедноста на државата покрај Миле Јанакиески се и поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, поранешниот министер Спиро Ристовски и поранешниот директор на УБК Владимир Атанасовски. Вељаноски доби казна затвор од шест и пол години, Јанакиески и Ристовски добија шест години и три месеци затвор, а Атанасовски е осуден на шест години затвор.
Судот реши осудените Спиро Ристовски, Трајко Вељаноски и Владимир Атанасовски да бидат во куќен притвор до правосилноста на пресудата. А Јанакиески веќе е во домашен притвор за друго дело во случајот ТНТ.