Товарен фантомски брод, вкотвен и напуштен во залив на грчки остров среде зима – ова енигматично сценарио веќе е банално за грчката морска полиција, која во пловилото откри милиони цигари, за чиј шверц Грција веќе стана вистинско дувло. Засега не се знае точно за каде биле наменети тие 981.000 пакети цигари, откриени во декември, лани, на бродот „Амарантус“, пишува новинската агенција „Франс Прес“, пренесува Нетпрес.
Сите европски држави се засегнати од незаконската трговија со цигари. Но, Грција, освен што е една од главните транзитни точки за овој вид на шверц, од почетокот на кризата во земјата стана и многу вносен пазар бидејќи побарувачката на шверцувани цигари бележи вистински бум. Владата на Алексис Ципрас ја стави на врвот на листата на реформи борбата против овој вид на криминал, со ветување да затвори и друга голема дупка во државните приходи, а тоа е шверцот со гориво.
Загубите на државниот буџет од шверцот изнесуваат меѓу 500 и 650 милиони евра годишно, и тоа само од цигарите, додека од бензинот е 1,5 милијарди евра. Ова се огромни загуби за една држава, на која очајно и требаат пари.
Според компанијата за маркетинг истражувања „Nielsen“, на крајот на минатата година, 21 отсто од испушените цигари во Грција биле шверцувани, додека овој процент во 2009 година изнесувал едвај 3 отсто. Експертот Јоанис Микалетос, пак, смета дека единственото ефикасно решение во борбата против овој проблем е да се намалат даноците за цигарите, кои во последниве пет години беа зголемени за дури седум пати.
Но, тоа сепак не е намерата на грчката влада, која претпочита да ги засили проверките, да го подобри здравството со нови апарати и скенери, и да се задржи на европската директива полесно проследување на спасувачките економски пакети. Сепак, сето ова создава голем скептицизам, бидејќи „многу подобро организирани и поопремени европски држави од Грција не забележале значителен успех во таа борба“.
Извор од безбедносните сили посочува дека главен проблем се „административните недостатоци на грчката царина“, поради недостиг на средства и поради корумпираност, како и „малиот број на истраги за откривање на мрежите за шверц на цигари“.
Во рамките на последната операција на грчките власти беа запленети четири милиони кутии цигари на пристаништето во Игуменица, на брод кој бил подготвен да отплови кон Италија. Тоа што Грција е морска земја, игра голема улога и во шверцот на горива – една петтина од бензинот во земјата е зачинет со гориво за бродови, кое е со пониски даночни давачки. Друг многу обемен вид на измама се состои во тоа што грчките трговци фиктивно го зголемуваат извозот кон соседните земји како Македонија, Бугарија и Турција, а вишокот го продаваат на црниот пазар во Грција.
И покрај тоа што сите досегашни грчки политички лидери ветуваа дека ќе се справат со овој „национален спорт“, претседателот на асоцијацијата на сопственици на бензиски пумпи, Јоргос Асматоглу, гледа во СИРИЗА една „нова воља“, поради фактот дека во владата за вицепремиер за буџетски прашања е назначен Димитрис Мардас – предавач кој има трудови на таа тема.
– Долго време остана само на хартија, мерката за воведување на GPS контрола за целата дистрибутивна мрежа. Оваа мерка, ако почне да се применува, може навистина да ја промени ситуацијата, смета Асматоглу.