Израелците и Палестинците на 5 јуни ја одбележуваат 50-годишнината од Шестдневната војна, а јазот меѓу двата народа и натаму е длабок и одбележан со годините насилства, пропаднати мировни преговори и прекршување на дадените ветувања.
Годишнината доаѓа во периодот кога надежите во мировното решение со создавање две држави, израелска и палестинска коишто егзистираат една крај друга, стануваат се’ побледи, а истовремено расте скептицизмот дека новиот американски претседател Доналд Трамп во тоа ќе може да помогне. Иако, токму овој регион, кој е актуелне во моментов и како извориште на глобалниот исламистички тероризам, беше првата странска дестинација откако ја презема должноста челник на САД.
Сменета географија
Шестдневната војна од 1967 година радикално ја промени географијата на Блискиот исток и претставува една од пресвртниците во неговата историја. Со восхитувачката воена победа во кусата војна над своите арапски соседи, Израел значително ја зголеми својата територија, а за Израелците таа беше и остварување на тежнеењата долги две илјади години за враќање на Ерусалим под еврејско закрилие.
Палестинците тоа го сметаат за кражба на нивната земја, а меѓународната заедница ги смета за окупирани палестински од Израел територии, на коишто продолжуваат постапните напори на израелските тврдолинијаши да ја прошират својата територија од реката Јордан, преку нејзиниот западен брег, до Средоземното Море, со што всушност нема да се остави никаков простор за посакуваната и планирана палестинска држава.
Голем број Израелци, вклучително и некои од членовите на владата на премиерот Бенјамин Нетанхају, воопшто и не кријат дека сакаат да ја избришат од преговорите идејата за палестинска државност. Некои велат дека на Палестинците, коишто сакаат да останат во еврејската држава, тоа треба да им се дозволи, но оти другите треба да се иселат. Можеби ќе се обидат да им дадат некаква компензација, сметаат најоптимистичните во Ерусалим.
Прашањето на Ерусалим
На влезот од ерусалимскиот Стар град, источниот дел од Ерусалим, кој Израел го освои во 1967 година по победата над Јордан, Палестинците се горди, но главно и без надежи. Тие порачуваат дека остануваат тоа, бидејќи велат дека тоа е нивна земја и оти нема да ја напуштат.
Палестинците посакуваат Ерусалим, особено источниот дел кој меѓународната заедница го смета за окупирана палестинска територија од Израел во војната од 1967 година, да биде главен град на нивната идна држава. Додека Израел повеќепати истакна дека го смета за своја „историска, вечна и неделива“ престолнина. И двете страни за тоа наведуваат библиски, историски и политички аргументи. Според коментаторите, секоја одлука со која двете страни во мировните преговори ќе сметаат дека ја нарушува состојбата на статус-кво, може да предизвика незадоволство кај арапските американски сојузници на Блискиот исток, како што се Саудиска, Арабија, Јордан, Катар или Египет.
САД во моментов се потпираат на овие земји во борбата против џихадистичката организација Исламска држава, која новиот американски претседател ја нарече приоритет за неговата администрација. Американскиот Конгрес во 1995 година изгласа закон со кој Ерусалим го нарекува главен град на Израел и одредува дека тој не смее да биде поделен.
Меѓутоа, досега и републиканските и демократските претседатели откако доаѓаа на власт ги користеа своите овластувања за да ја задржат американската амбасада во Тел Авив и ги поткрепуваа преговорите за Ерусалим меѓу Израел и Палестинците. Поделбите и знаците на конфликти лесно се наоѓаат во градот, од споровите околу светите места во Ерусалим до израелскиот ѕид на границата со Западниот брег и целосната блокада на другата палестинска енклава Појасот Газа.
Израел во меѓувреме се разви во најсилната блискоисточна воена сила и технолошки најнапредната земја, што претставува извонредно достигнување за држава којашто е создадена во 1948 година и холокаустот неколку години претходно во кој овој народ загуби милиони сонародници. Меѓутоа, како што предупредуваат многумина, Израел би можел, исто така, да се претвори и во „апартхејд држава“, доколку се откаже од решението со две држави и ја присоедини поголемиот дел од Западниот брег, од реката Јордан.
Дали решението со две држави е „мртво“?!
Но имајќи предвид дека Израел продолжува со градењето на населби и станови на Западниот брег и во источен Ерусалим, а Палестинците остануваат силно поделени меѓу исламистичкото движење Хамас кое управува со Појасот Газа, и умереното движење Фатах кое владее со палестинската Национална управа на Западниот брег, аналитичарите го поставуваат прашањето дали решението со две држави е веќе минато.
За меѓународната заедница и натаму независна Палестина, покрај Државата Израел, е единствената одржлива опција. Засега непознато е дали решението со две држави е мртов збор на хартија или не, но сигурно е дека е потешко остварливо со секоја загубена година.
Шестдневната војна претставуваше целосен триумф за Израел, чијашто војска во деновите од 5 до 10 јуни 1967 година ги порази Египет, Јордан и Сирија, и притоа го освои источен Ерусалим, Појасот Газа и Голанската висорамнина. Израел подоцна ќе потпише мировни договори со Египет и со Јордан, меѓутоа конфликтот со Палестинците коишто ги населуваат источен Ерусалим, Газа и Западниот брег, се продлабочуваше.
Првата палестинска интифада, или востание, избувна во 1987 година и траеше до 1993 година. Една година по завршувањето на интифадата, тогашниот израелски премиер Јитцак Рабин и легендарниот палестински челник Јасер Арафат го потпишаа мировниот договор во Осло и разбудија големи надежи за конечно решение на деценискиот судир. Меѓутоа, Рабин во 1995 година беше убиен од еврејски екстремист, а втората, уште понасилна интифада избувна во 2000 година.
Актуелната влада на Бенјамин Нетанјаху се смета за најдесничарската во израелската историја, а поборниците на мирот со Палестинците се се’ потивки. Од друга страна, пак, Махмуд Абас има 82 години и неговата популарност и силно опадната. Неговиот политички палестински ривал Хамас настојува да го ублажи својот имиџ во меѓународната заедница како терористичка организација, но и натаму од своите основни документи нема намера да го спомене признавањето на Државата Израел. Покрај тоа, мировните преговори не се водат веќе со години. Во неодмнешната анкета 78 отсто од Израелците изјавија дека не гледаат можност за постигнување мир во скорешна иднина.