АНАЛИЗА: Германија и Русија се фатија за гуша за Балканот

Германија значително ги засилува своите ангажмани на Балканот, како одговор на тоа што Русија повторно цели да се наметне во југоисточна Европа, пишува весникот „Фајненшел Тајмс“, пренесува Нетпрес.

Германскиот претседател Јоаким Гаук, неделава, ја посети Словенија, што ја демонстрира одлучноста на Берлин да реагира на зголемувањето на руското присуство во регионот.

За разлика од рускиот претседател Владимир Путин, кој оддели многу време од својата неодамнешна посета на Србија, за воената парада, поранешниот протестантски свештеник посети центар за професионална обука, манастир и авио компанија, пишува весникот.

– Посетата на највисокиот германски претставник на државата, го покажува нашиот ангажман кон регионот. Треба да правиме повеќе такви посети. Треба да испраќаме и повеќе експерти, кои треба да помагаат во економската и во политичката трансформација… Треба да одговориме. Русија настапува во регионот како конкуренција, изјавил Родерих Кизеветер, член на комисијата за надворешни работи на германскиот Бундестаг.

Украинската криза продуцира стравувања во западноевропските престолнини, дека Русија сака да се наметне на други земји во источна Европа, вклучително и на Балканот, се вели во текстот.

Германскиот канцелар Ангела Меркел ги кажа тие стравувања за време на своето патување во Австралија, на средбата на врвот на Г-20. Таа посочи дека сака да се вратат деновите кога Москва можеше да диктира решенија во други источноевропски престолнини.

– Не станува збор само за Украина, туку и за Грузија. Ако се распространи уште, ќе треба ли да му ја мислиме и за западен Балкан?, рекла Меркел. Таа дополнила дека Германија ќе реагира, и дека тоа „никако не се совпаѓа со нашите вредности“.

Берлин стравува дека Путин, кој го оцени падот на СССР како „најголемата геополитичка катастрофа на XX век“, се фокусирал и на други држави, не само на Украина. Држави, кои политички и економски се ранливи и кревки, како поранешните југословенски републики. Во тој регион Словенија и Хрватска веќе се членки на Европската унија, но другите уште „се борат за да влезат во клубот“.

Германија стравува дека дури и земји членки на ЕУ од тој регион се кревки и ранливи – особено оние кои имаат историски и економски врски со Русија, како на пример Бугарија.

Друга цел на Москва се земји кои силно зависат од рускиот гас како Словачка и Унгарија. Но, и земји во кои има значителен број на руско малцинство, како Естонија и Литванија.

Србија може да се покаже како особено подложна на Москва, пред се’ поради негодувањето од војните во бивша Југославија. Белград неможе да се помири и да ја прифати загубата на Косово. И додека повеќето земји од ЕУ ја признават косовската независност, Русија силно ја поддржува Србија во негирањето на независноста на Приштина, посочува „Фајненшел Тајмс“.

Српскиот премиер Александар Вучиќ се стреми кон членство во ЕУ, а националистите во земјата пак настојуваат дека тој не треба никогаш да потклекне пред притисокот од Брисел за признавање на Косово.

Од друга страна Русија одамна ја гледа Србија како свој помал брат. Силно ги развива културните односи и постојано ги јакне билатералните економски врски. Глобалната финансиска криза создаде можности за руски финансиски зделки, и со тоа ја намали трговијата со ЕУ, инвестициите и ја зголеми невработеноста.

– Русија разработува стратегија за сите тие држави. Дури кога нема воен план, има медиумски кампањи, финансирање и корупција, вели Штефан Мајстер од германскиот Совет за меѓународни односи.

Канцеларот Ангела Меркел Меркел одбра да возврати со дипломатска иницијатива, како онаа со конференцијата за западен Балкан во август, годинава, која беше организирана по повод стогодишнината од Првата светска војна. Ќе има уште државнички посети како таа на Гаук во Словенија, прогнозира весникот.

Родерих Кизеветер смета дека Германија треба да ги каже и позитивните промени како на пример изборот на новиот романски претседател Клаус Јоханис, „кој заслужува силна поддршка“.