АНАЛИЗА: Имигрантите – прогонети со елементи на планирано преселување

Во контекстот на огромниот број имигранти и бегалци кои во страв од смртта и во потрага по подобар живот од областите на Блискиот исток тргнаа кон посакуваните земји во Европската унија секојдневно се употребуваат различни термини, од бегалци, имигранти, мигранти, азиланти, а всушност станува збор за прогонети лица со елементи на планирано преселување.

Прогонетите се лица кои морале да ги напуштат своите домови и да заминат во други земји. Тој поим го дефинираше УНХЦР на почетокот од 1990-те години, во војните на поранешните југословенски простори кога поголеми етнички групи мораа да ги напуштат своите огништа во еден држави и да се преселат во други.

Бегалците, пак, беа дефинирани како лица кои внатрешно се раселени на територијата на којашто беснеат воените дејствија. За поимот мигранти, пак, кој се дели на имигранти и емигранти, се вели дека е универзален термин за сите лица, независно дали својата татковина ја напуштиле пореди економски и или воено-политички причини, односно воени агресии.

Поентата на миграцијата е секогаш во контролата на просторот, територијата, односно неговите вредности. Оттаму, за лицата од Сирија, коишто веќе со години се сместени во Турција и последните години тргнаа масовно кон Европската унија, а во заострените односи меѓу Анкара и Брисел, многу е можен повторен голем бегалски бран, може да се каже дека се прогонети луѓе со елементи на планирано преселување поради контрола на просторот.

Мигрантите од северна Африка и Блискиот исток, пак, како што се чини, ќе продолжат да пристигнуваат на Стариот континент, и без оглед на војните. Демографските слики на Блискиот исток и на Африка, вклучително и на „арапска“ и на „црната“, имено, укажуваат дека миграциите ќе се случеа и без разлика на војните кои започнаа последните шест години таму. Притоа, воопшто не смее да се изгуби од предвид дека преселбите кон Европа од посочените региони ќе бидат во иднина и поголеми, имајќи ги предвид дека тамошните земји имаат многу висок природен прираст, но и дека тешко ќе се консолидираат по Арапската пролет разорените порано богати и економски стабилни општества.

На пример, во моментов во Сирија живеат околу 17 милиони луѓе, наспроти 24-те милиони луѓе кои живееја во оваа политички стабилна и економски пример за многу во соседството пред март 2011 година. Таму природниот прираст на населението изнесува 30 отсто. Се проценува дека во последните пет години Сирија ја напуштиле трајно меѓу пет и седум милиони луѓе, меѓутоа имајќи ја стапката на висок природен прираст, за триесет години нејзиното население ќе порасне до 45 милиони луѓе. Слично е и со другите земји на Блискиот исток, па треба да се очекува дека во прв ред поради економската ситуација тоа населени ќе биде принудено на некаде да тргне, односно да мигрира.

Процените, исто така, зборуваат и дека африканското население до 2050 година ќе се зголеми од сегашните 1,2 милијарди на две милијарди луѓе. Наспроти таквите проекции, пак, се проценува дека бројот на жителите во земјите членки на Европската унија во истиот период ќе се намали за 16 отсто, односно на 450 милиони.

Поради сиве овие бројки, мора да се сфати дека ситуацијата со миграцијата е многу важна. Меѓутоа европските земји во оваа смисла се многу конзервативни и досега со тоа воопшто не се занимаваат. Така, според некои проекции, на Германија годишно ѝ недостигаат половина милион работници, па затоа сме сведоци на апелите од големите корпорации и производители за поблаги политики при профаќањето на мигрантите и барателите на азил.

Според податоците на УНХЦР, од 2013 година, првпат по Втората светска војна вкупниот број на бегалците, барателите на азил и прогонетите лица во светот надминал 50 милиони луѓе. Најмногу ги има од регионите на Азија и Пацификот – 3,5 милиони, од супсахарска Африка – 2,9 милиони, и од Блискиот исток и северна Африка – 2,6 милиони луѓе. Државите во кои имало најмногу внатрешни бегалци се Пакистан Иран и Либан.

Кога станува збор, пак, за прогонетите лица, се проценува дека од Сирија ги има меѓу пет и седум милиони, најмногу од нив во соседна Турција, и тоа повеќе од два милиони, во Јордан – 1,5 милиони и во Либан 1, 2 милиони луѓе. Од нив само 5 проценти тргнале кон земјите на Европската унија, покажуваат поединечните извештаи на земјите. Парадокс во сета оваа бегалска криза претставува извештајот на УНХЦР дека најслабо развиените земји во светот, им пружаат азил на дури 25 отсто од сите бегалци во светот.