АНАЛИЗА: Јункер сака да е обожуван, но не сака да угодува

Тој сака да е обожуван од многу луѓе, но во истовреме не сака да им угодува на сите. Пред да биде избран за претседател на Европската комисија, Жан-Клод Јункер искажа дузина ласкања за Европарламентот, но истовремено тој цврсто и одлучно ги објави своите претензии за власт.

Поранешниот премиер на Луксембург, кој беше номиниран за функцијата од голем дел од земјите членки, во пленарната сала на Европскиот парламент се појави како единствен кандидат, а излезе оттаму како изгласан претседател на Европската комисија, објавува германски „Зидојче Цајтунг“, пренесува Нетпрес.

Ова всушност е нешто ново и Јункер не си дозволи да го одмине:

„Вие сте првиот Европарламент, кој во вистински смисол на зборот избира претседател на Еврокомисијата“, поласка тој на почетокот на својат близу 50-минутен говор.

Претседателите на Еропската Комисија и на Европскиот Парламент треба да работат во особено тесна соработка, дополни Јункер. Тоа, кое наликува на еден вид комплимент упатен до европарламентот, во суштина е исто така и претензија за власт.

Во Стразбур, поранешниот премиер на Луксембург, се држи како пријател меѓу пријатели. Пред почетокот на заседанието тој размени пријателски зборови со некои од присутните и според гестикулациите и погледите, може слободно да се заклучи дека тука тој се чувствува како дома.

Јункер се обидува да им се допадне на што е можно повеќе луѓе, а и ги доби овациите со своите критики упатени до владините премиери.

„Никогаш повеќе не велете дека сте извојувале победа во Брисел. Во Европа ние заедно победуваме и заедно губиме“, им се обрати тој на своите бивши колеги.

Јункер стана и вистински емоционален кога почна да говори за единствената валута. Тој не пропушти да ја изрази својот гордост на тоа дека Грција сеуште е член на валутната унија.

„Европа треба да биде горда со еврото, кое не прави поделби на континентот, туку го обединува и заштитува“, потенцира тој во својот говор.

Оваа изјава ги налути британските европскептици, кои го исвиркаа.

„Ако тоа е европската демократија на дело, тогаш ние ќе треба да ја преразгледаме целосно“, изјави лидерот на Партијата за независност на Обединетото Кралство, Најџел Фараџ, во својот одговор и дополни дека ако Јункер стане претседател на Европската Комисија, тоа воопшто нема да биде демократски напредок.

И Марин ле Пен ги поддржа овие критики, и изјави дека местото на европската утопија на Јункер треба да биде „во ќошот на историјата“. Лидерот на францускиот Национален фронт потенцира дека луксембуршкиот политичар нема да го добие нејзиниот глас.

Непосредно пред гласањето Јункер и се обрати:

„Ви благодарам госпоѓо Ле Пен што нема да гласате за мене. Многу сум ви должен“.

Тоа беше моментот кога тој покажа презир кон голем дел од европарламентот.

По пребројување на гласовите, и пред да го прочита резултатот, Мартин Шулц, кој претседаваше со заседанието и кој со огромно задоволство би седнал на местото на Јункер, повторно истакна каков „историски ден“ е тоа.

Резулатот беше 422 гласа „За“ поранешниот премиер на Луксембург.

Тој, пак, само кимна со главата, без да си дозволи поемотивно да искаже задоволство и со едно суво чувство на хумор го замоли претседавачот Шулц да им го испрати резултатот до сите влади на 28-те земји членки на Европската унија.