Новиот грчки премиер Алексис Ципрас од радикалната левичарска партија СИРИЗА, го објави својот кабинет, откако клучните економски позиции им ги отстапи на поранешен комунистички политичар и на познат левичарски блогер, кој остро ја критикуваше рестриктивната програма што на Грција и беше наложена од меѓународните кредитори.
Со ова Ципрас ја покажа неговата желба да изгради силен економски табор, а во истовреме одговори на барањата на своите сопартијци со крајнолеви убедувања за важните функции, како и да овозможи неколку министерски места за десничарската партија во владината коалиција – „Независни Грци“, пишува „Ајриш Тајмс“, пренесува Нетпрес.
Конечниот список, во кој доминираат левичарски академици, веројатно ќе предизвика страв меѓу инвеститорите, кои се плашат дека Атина ќе отстапи од реформите, ќе ги нападне интересите на крупниот бизнис и ќе завземе цврста позиција за предоговарањето на грчкиот долг.
Набљудувачите сметаат дека одлуката на Ципрас да го преполови кабинетот од 20 на 10 министри, покажува дека администрацијата ќе биде силно контролирана од премиерот, но и од началникот на неговата администрација, Никос Папас, кој стана министер. Создавањето на клучната функција министер за транспарентност, каде е поставен Панајотис Николудис, изпраќа сигнал и дека владата се подготвува да се справи со даночните измами и со корупцијата, за кои кредиторите велат дека се огромна пречка пред одржливото економско заздравување на земјата.
Борба со корупцијата
Николудис ќе ги координира антикорупциските агенции – од финансиската полиција до обвинителството за економски криминал. Јанис Драгасакис, главниот преговарач на СИРИЗА со меѓународните кредитори е назначен за вицепремиер. Негова задача е да ги раководи преговорите со тројката набљудувачи од Европската комисија, Меѓународниот монетарен фонд и од Европската централна банка. Шеесет и седумгодишниот поранешен член на Централниот комитет на Грчката комунистичка партија е единствениот во владата со државничко искуство. Тој беше министер за финансии во краткорочната влада во 1989 година, составена од сите грчки партии.
Јанис Варуфакис – предавач по економија во Атина и бивш економист на американска компанија за онлајн игри, назначен е за министер за финансии. Тој ќе ги надгледува државните расходи и собирањето на приходи и ќе ја претставува владата на средбите на министрите за финансии од еврозоната.
Пред неискусната влада на Ципрас се исправени застрашувачки предизвици, како на пример убедувањето на политичарите и бирократијата во Берлин и во Брисел дека Грција ќе ги исполни даночните и структурните реформи, и ќе ја продолжи постојната спогодба во однос на спасувачката програма, која истекува на 28 февруари, годинава.
Драгасакис и Варуфакис ќе бидат подложени на прв тест неделава, кога претседателот на еврогрупата, Јерун Диселблум, ќе ја посети Атина за да дознае дали владата е подготвена да ги продолжи преговорите за задоцнетата ревизија за напредокот на земјата, кој може да деблокира околу 7 милијарди евра од помошта. Претседателот на Европскиот парламент, Мартин Шулц, исто така ќе ја посети Атина неделава и ќе разговара со Ципрас.
Тешка коалиција
Уште пред владата на Грција да положи заклетва, на површина излегоа проблеми околу нејзиното единство, поради идеолошко тешката коалиција во односите меѓу левичарската СИРИЗА и националистите од „Независни Грци“ на Панос Каменос, кога дојде до исполнување на барањата на левото крило на СИРИЗА.
Составувањето на владата беше забавено поради тешките преговори за неколку функции на заменик – министри позиции за „Независни Грци“,а внатрешните недоразбирања воведоа постојано преиспитување на назначувањата на СИРИЗА.
На крајот сепак само еден од економските советници на Ципрас не влезе во новата влада на Грција.