Убиството на најпознатиот италијански борец против мафијата, Џовани Фалконе ја потресе Италија пред точно 25 години и ја натера државата конечно да тргне во сериозна борба против овој специфичен вид организиран криминал кој длабоко се вгнезди во државните структури.
Бруталното убиство на обвинителот Џовани Фалконе, кој на 23 мај 992 година додека со автомобил се движеше на автопатот 129 на Сицилија беше разнесен со 400 килограми експлозив заедно со сопругата и тројца полицајци, ја шокираше не само италијанската нација, туку и светската јавност. Два месеца подоцна, во уште една експлозија, беше убиен и неговиот најекспониран колега Паоло Борселино. Зад нападите стореше организацијата Коза Ностра.
„Повеќето луѓе точно се сеќаваат каде биле кога ја слушнале веста за смртта на Фалконе, а неколку јавни личности потоа објавија дека се срамат што се Италијанци“, напиша историчарот Џон дики во книгата „Коза Ностра – историјата на сицилијанската мафија“.
Франческо Ла Личата, новинар и автор кој често објавува наслови посветени на мафијата, тврди дека убиството на Фалконе и на Борселини за Италија претставувале трауми исто како што за Американците беа терористичките напади на њујоршките кули близначки од 11-ти септември 2001 година. „Тоа беше нашиот 11-ти септември“, изјави неодамна Ла Личата за државната телевизија RAI.
Двата атентата предизвикаа голем гнев во италијанската јавност, што ги натера властите да се зафатат со сериозна борба против организираниот криминал. Нарачателот на убиствата, мафијашкиот „шеф на шефовите“, Тото Риина, беше уапсен следната година и сé уште е во затвор.
Дваесет и пет години по атентатот врз Фалконе, се чини дека Коза Ностра е значително ослабена и повеќето од нејзините шефови се во затворите. Меѓутоа, зајакнаа другите криминални групи како калабриската ‘Ндрангета, којашто се прошири сé до Канада и Австралија и денеска претставува најсилна мафијашка организација.
„Атмосферата во Реџо Калабрија (најголемиот град во Калабрија – з.р.), денеска е слична на онаа во Палермо пред триесетина години. ‘Ндрангета е длабоко вкоренета во економското, општественото и политичкото ткиво на Калабрија“, истакнува главниот обвинител за мафијата и тероризам, Франко Роберти.
„Во последните 25 години, благодарејќи на жртвите на Галконе и Борселино напредувавме со извонредни чекори, но поразот на мафијата ќе се случи дури тогаш кога Рим, или дури Европа, почнат да дејствуваат“, истакна Роберти во специјалната емисија на телевизијата RAI.
Фалконе во осумдесеттите години од минатиот век го водеше таканаречениот Максипроцесо во кој првпат беа осудени стотици мафијаши. Процесот се одвиваше во специјално изградениот подземен бункер во затворот во Палермо.
„До доцните седумдесетти и почетокот на осумдесеттите луѓето зборуваа, дури и во институциите, дека мафијата не постои, дека тоа е измислица намедиуми“, истакна во истата емисија на РАИ, Леонардо Гуарнота, пензиониран судија од Палермо.
Фалконе воведе нов пристап во истрагите, сфати дека Коза Ностра не е збирштина од обични криминалци, туку одлично организирана структура, ги следеше трагите на парите, користеше сведочеа на поранешни мафијаши и соработуваше со странски безбедносни служби, со што создаде темели за формирање државна институција за борба против мафијата којашто наликуваше на американското Федерално биро за истраги (FBI).
Италијанските власти денес тврдат дека имаат најстроги закони против мафијата коишто вклучуваат можност да се запленат мафијашките имоти, програма за заштита на одбегнатите мафиози, и затвори од коишто мафијашките босови не можат да комуницираат со своите подредени.
Меѓутоа, многу италијански функционери предупредуваат дека изостанувањето на таквите закони во другите европски држави и во светот им помагаат на италијанските криминални организации таму да се сокријат, а локалните власти не сфаќаат колку мафијата е инфилтрирана во нивното опкружување.
Германија веројатно тоа го сфатила во 2007 година кога шест мажи беа застрелани пред пицерија во Дуизборг во одмазничка егзекуција на ‘Ндрангета. Сојузното биро на криминалистичката полиција BKA таа организација од Калабрија во 2015 година ја прогласи за доминатна криминална група во Германија.
Европскиот парламент во октомври лани донесе резолуција со којашто се бара од владите на земјите членки да го следат италијанскиот пример во криминализацијата на мафијашките здруженија, што на обвинителите им овозможува да поднесуваат тужби против осомничените, иако тие не се фатени во кривично дело. Италија притоа повикува на воспоставување институции на јавен обвинител на ниво на ЕУ, што според очекувањата може да се оствари до крајот на оваа година. Бирото би добило овластувања за истражувања на преуграничниот криминал, како и финансискиот криминал во ЕУ.
Обвинителот Роберти дури смета дека Италија би требала да го легализира канабисот за да го избие овој лукративен бизнис од рацете на мафијата и да ги концентрира своите безбедносни сили на другите криминални активности.
Шансите дека тоа ќе се реализира сé уште не се на повидок, а Италија и натаму има работа на домашен терен, особено во борбата против сé посилната ‘Ндрангета.
Може ли, оттаму, мафијата некогаш да исчезне?: Во една од своите најпознати изјави од 1991 година, Фалконе рече дека таа „воопшто не е непобедлива“. „Тоа е човечки феномен, и како и сите човечки феномени, има свој почеток и крај“.
Но податоците покажуваат дека тој момент уште не наближува. Анкетата од април годинава којашто ширум Италија ја спровел Centro Studi Pio Latorre, покажала дека 47 отсто од италијанските средношколци ја сметаат мафијата за посилна од државата, а помалку од 30 отсто сметаат дека таа во некој момент ќе биде поразена.
Роберти вели дека проблем е и претераното романтизирање на мафијата во филмовите и на телевизијата. „На младите им се прикажува гламурозниот живот на мафијашите и тоа може да ги привлече кон криминалот. Всушност, мафијашкиот код на честа никогаш ниту постоел. Тврдењата дека мафијашите никогаш нема да повредат жени и деца се целосно невистинити“, тврди Роберти.