Анализа на Алфа: За пет години, 707 загинати и над 38.000 повредени во сообраќајки во Македонија

Брзо возење, непочитување на првенство на минување, возење во спротивна насока, управување под дејство на алкохол, статистиките на МВР покажуваат дека ова се најчестите фактори за сообраќајни несреќи во Македонија кои во последните пет години одзеле 707 човечки животи, а 38.136 луѓе се здобиле со повреди, анализира АЛФА.

Според официјалните податоци на Министерството за внатрешни работи, на ниво на државата, во последните пет години 7637 сообраќајки се предизвикани поради брзо возење, додека за 4151 причината била првенство на минување, 1634 сообраќајки биле предизвикани поради движење во спротивна насока од дозволената, а алкохолот бил фактор за 1769 несреќи.

Најголем дел од несреќите се случиле во главниот град каде во последните пет години брзото возење било причина за 3100 сообраќајни несреќи, а од 2019 до 2023 година алкохолот бил причина за 316 сообраќајки, додека поради непочитување на првенството на минување за истиот период се предизвикани 1634 сообраќајни несреќи, во кои загинале 181 лице.

За експертите загрижувачки се бројките на несреќи и загинати на патиштата, според нив причините за негативните статистики треба да се бараат во ниската сообраќајна култура, лошата патната инфраструктура, лоша патна сигнализација, непочитување на сообраќајните правила. Решение гледаат во системот сејф сити за кој сметаат дека трееба да се воведе во сите градови во државата.

-Постојат повеќе пропусти, како што е непочитување на патна сигнализација, лошо урбанистичко планирање, возила кои се движат по тротоарите, пешаци кои се принудени да одат по коловозот, бројни недоследности кои мора да се надминат, изјави универзитетскиот професор Никола Крстановски.

Негативните статистики и големиот број на загинати ги натера надлежните да ги заголемат контролите на патиштата, а беше иницирна и јавна расправа во Собранието каде министерот за внатрешни работи Панче Тошковски најави ригорозни мерки и казни, вклучително и одземање на возачката дозвола и возилото.