За два месеца, во октомври и во ноември годинава, отворени се 1.192 фирми, а лани во истиот период бројот на новоотворените компании бил значително поголем и изнесувал 2.248 фирми. Претходно Пари објави анализа за затворените компании, која покажа дека во овие месеци има и повеќе згаснати фирми – згаснале 707 компании, за разлика од октомври и ноември 2020 година, кога клуч на врата ставиле 634 фирми.
Овие податоци на БизнисМрежа.мк, за жал, откриваат влошен тренд за деловните субјекти – повеќе фирми се затвораат, а помалку се отвораат.
Првите 5 места на листата на градови со најмногу новоотворени фирми ги заземаат: Скопје, Тетово, Битола, Куманово и Штип. Кај нив вкупно се регистрирани 759 новоотворени фирми, или една третина од сите нови компании.
Минатата година, пак, првите 5 градови со најмногу отворени фирми беа: Скопје, со 613 нови субјекти, Куманово, со 188, Тетово, со 132, Струга, со 115 и Битола, со 96 нови фирми.
Годинава во октомври и во ноември, од листата на 5 најатрактивни градови за нови фирми излегла Струга, а во тоа друштво влегол Штип. Сепак, Штип годинава има помалку отворени нови фирми отколку истите месеци лани. Во овој град годинава адреса добиле 35 компании, а лани 43.
Трговијата е дејност во која речиси секој месец има најмногу отворања и затворања на фирмите. Така и во октомври и ноември се отвориле вкупно 252 компании. Но ако се спореди со истите месеци лани, тоа е мала бројка. Лани, во секторот Трговија на мало и големо, за два месеци се отвориле дури 601 фирма.
На второ место е секторот Други услужни дејности, со 138 новоосновани компании. Лани нивната бројка била речиси двојна.
Во секторот Стручни, научни и истражувачки дејности, во претходните два месеца се отвориле 114 фирми. Лани, пак, бројот на новоотворените фирми бил 149.
Со 102 фирми во угостителството и хотелиерството, тие се на четврто место по отворање нови фирми според податоците за двата месеца. И кај нив имало поголема бројка лани – 193 нови правни субјекти.
Петтото место е за градежништвото, со 97 нови фирми. Лани во истиот период се отвориле 253 фирми од оваа дејност.
Но, она што особено „боде очи“ е бројот на новоотворени фирми во преработувачката индустрија. Со 90 нови фирми, таа воопшто не влезе во првата петорка. Претходно, оваа дејност држеше високо место во однос на новоотворени компании, а лани, во октомври и ноември, се отвориле 312 фирми во секторот, со што тој бил на второ место по интерес кај новоотворените компании.