Анализа на „Пари“ : Србија рекордер во инфлација во регионот, зад неа е Mакедонија!

И во мај инфлацијата во Македонија е сѐ уште двоцифрена. Таа на годишно ниво изнесува 11,3 проценти, што значи дека за толку се зголемиле вкупните трошоци за живот на населението во мај годинава во однос на истиот месец минатата година. Македонија и понатаму има многу поголема инфлација во однос на другите земји од поранешна Југославија, но сепак, Србија го држи првото место по растот на трошоците за живот.
Порталот „Пари“ ги разгледа податоците од официјалните статистички агенции на државите во регионот. Во нашето опкружување, сѐ уште немаат сите земји објавено податоци за мај, но со оглед на фактот дека инфлацијата се зауздува, јасно е дека и со мајската статистика состојбата нема многу да се промени и може да се извлечат споредбени заклучоци.
Податоците покажуваат променета слика во однос на досегашните анализи. Откако инфлацијата почна да дивее на глобално ниво, Словенија редовно имаше најниска инфлација. Но, априлските податоци покажуваат дека по инфлација таа е веднаш зад Србија и Македонија. Најниска годишна инфлација во април имало во Косово и таа изнесувала само 6,3 проценти.

Извор: Национални статистики на одделни држави

СЕ СМИРУВА РАСТОТ НА ТРОШОКОТ ЗА ХРАНА
Анализата на податоците покажува дека добрата вест е дека се смирува растот на трошокот за храна. Инфлацијата на ставката „храна и безалкохолни пијалаци“ во мај во Македонија била 14,6 проценти и е помала од онаа во Словенија, каде изнесувала 14,9 проценти. Веројатно, рекордер и во мај ќе биде Србија, која во април има највисок раст на трошоци за храна и пијалаци, од 23,1 процент (мајски податоци сѐ уште немаат објавено). За Косово, на нивната официјална веб-страница нема објавено групни податоци за храна и безалкохолни пијалаци.
Во екот на високата инфлација, Македонија имаше многу висок раст на трошоците за храна. На пример, во декември минатата година тие беа 27,1 процент повисоки во однос на 2021 година. Нешто повисока инфлација на храната, во тој период имаше само Црна Гора.

 

ТРАНСПОРТОТ ВО ДЕФЛАЦИЈА

Цените на енергентите постојано бележат намалувања. Се намали цената на нафтените деривати, на берзите паѓаат цените на електрична енергија, а и самиот трошок на домаќинствата за потрошена електрична енергија, со заминувањето на зимата се намали.
Така, кај нас ставката „домување, вода, електрична енергија, гас и други горива“, во април во однос на март не забележала никаква промена, а на годишно ниво имала раст од 15,1 процент. Во мај, годишниот раст бил помал и изнесувал 14,4 проценти и на месечно ниво, но во мај во однос на април веќе има намалување на овој трошок за половина процент.
Како резултат на намалување на цената на нафтените деривати имаме дефлација на ставката транспорт. Имено, во мај годинава, во однос на ланскиот мај, цената на транспортот е намалена за 2,7 проценти. Во април сѐ уште имаше податок за годишен раст на трошокот за оваа ставка и растот изнесуваше 5,3 проценти. Црна Гора, пак, порано го почувствувала намалувањето на цените во транспортот и таму уште во април имаше дефлација кај транспортот, односно тој поевтини за 4,1 процент во однос на април 2022 година.

ШТО ВЕЛАТ ПРОГНОЗИТЕ?

Според досегашните изјави, причините за повисоката инфлација во Македонија во однос на регионот се движат од големата отвореност на нашата економија, до алчноста на производителите и на трговците. Прогнозите се дека годинава ќе ја завршиме со инфлација меѓу 8 и 9 проценти.
– Во поглед на идната патека на цените во домашната економија, најновите проекции упатуваат на непроменети очекувања за движењето на инфлацијата, односно ги потврдуваат октомвриските согледувања за нејзино забавување и сведување на едноцифрено ниво, во интервалот од 8 до 9 проценти во 2023 година. Енергетската компонента во значителна мера би придонела за забавување на инфлацијата во 2023 година, што се должи на претпоставките за намалување на цените на енергентите, а се очекува постепено ублажување на ценовните притисоци и кај храната. На среден рок се очекува дека стапката на инфлација и натаму ќе забавува и ќе се сведе под 3 проценти, близу до историскиот просек. Ризиците за проекцијата на инфлацијата на среден рок и натаму се поврзани со неизвесноста во поглед на идните движења на светските цени на енергијата и храната и интензитетот на пренос врз домашната инфлација. Исто така, растот на платите, а особено соодносот со растот на продуктивноста, треба внимателно да се следи – соопшти гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска при презентацијата на пролетните проекции од страна на Народната банка.