Анализа на „Пари“: Во јули, август и септември отворени се 3.166 нови фирми, а 22,7 отсто ја избрале Халк банка

Во третиот квартал од годинава, Халк банка повторно е избор на најголемиот дел од новоотворените компании, кои во јули, август и септември се 3.166 на број. Халк банка ја избрале 22,7 насто од фирмите во овие месеци, со што таа пак се врати на врвот, откако во првото полугодие од годинава најчест избор на компаниите била НЛБ банка. Но, всушност, НЛБ и Халк банка секогаш се во тесна трка – па еднаш едната, а другпат другата банка го „собира“ приматот на најпосакувана банка. Токму затоа, и во третиот квартал од годинава веднаш зад Халк банка е НЛБ банка, како најчест избор на новоотворените компании, покажуваат податоците на БизнисМрежа.мк.
Порталот Пари во континуитет прави анализа на избор на банка кај новоотворените компании. Оваа анализа придонесува во отсликувањето на банкарскиот амбиент во државата, ја покажува банкарската конкурентност, но на индиректен начин го пресликува и инвестицискиот тренд во однос на потеклото, со оглед на тоа дека странските инвестиции обично, доколку во државата има банка што потекнува од нивната земја, таа банка ја избираат и за своја матична банка.
Анализата на податоците покажува дека новоотворените компании правеле избор на банка по овој редослед: Халк банка (717), НЛБ банка (607), Комерцијална банка (465), Стопанска банка ‒ Скопје (462), Универзална инвестициона банка (211), Шпаркасе банка (175), Централна кооперативна банка (113), Силк Роуд банка (59), Стопанска банка АД Битола (49), Прокредит банка (46), Капитал банка (2), додека за 123 новоотворени компании БизнисМрежа.мк сѐ уште нема податоци која банка е избрана.

Во Скопје, во третиот квартал од годинава отворени се 884 сметки на новоотворени фирми. Оваа бројка е особено интересен податок и покажува дека 28 насто од новите сметки се во главниот град, за разлика од порано, кога процентот беше многу повисок. На пример, во првите шест месеци од годинава, во Скопје биле отворени 1.643 сметки на новоотворени фирми, додека нивниот вкупен број бил 3.768, што значи дека во главниот град банките биле избрани за матични во 43,7 % од случаите. Податоците за цела 2021 година покажуваат дека од 8.621 новоотворена фирма, сметките на 3.176 фирми (36,8 %) биле во Скопје.
Во Скопје, во третиот квартал од годинава, најмногу сметки се отвориле во Халк банка – 203. На второ место се наоѓа Куманово, со 198 новоотворени сметки во банки. Таму најголем интерес имало за Централна кооперативна банка, каде што се отвориле 49 сметки на новоотворени фирми. На трето место е Тетово, каде има 192 новоотворени фирми со избор на матична банка. Во овој град, пак, најголем интерес имало за Халк банка, каде што се отвориле 52 сметки.

ТОП 3 градови по новоотворени фирми и 3 најизбрани банки:
Скопје 884 Халк банка (203) Комерцијална банка (171) НЛБ банка (167)
Куманово 198 Централна кооперативна Банка (49) НЛБ банка (36) Халк банка (30)
Тетово 192 Халк банка (52) НЛБ банка (36) Стопанска банка – Скопје (30)

 

Податокот дека секоја четврта новоотворена фирма е трговска, веќе е тренд. Така, и најмногу новоотворени сметки доаѓаат токму од трговските фирми. Од вкупно новоотворени 3.166 сметки, од фирмите од секторот Трговија на големо, на мало; поправки на моторни возила, моторцикли, доаѓаат 775 сметки, од кои 177, како најчест избор, се во Халк банка.

На второ место е секторот Други услужни дејности, од кој фирмите имаат отворено 395 сметки, а нивен најчест избор е Халк банка, со 85 нови комитенти.

На трето место по новоотворени фирми е преработувачката индустрија, која во првото полугодие не беше дел од големата тројка, затоа што на тоа место се наоѓаше секторот Објекти за сместување и сервисни дејности со храна. Другите две места и во првите шест месеци од годинава беа на истите позиции – прва беше Трговија, а на второто место Други услужни дејности.

Во преработувачката индустрија во третиот квартал имало 388 новоотворени компании, а нивен најчест избор била Халк банка ‒ таму има 88 нови депоненти.

Како што може да се види од податоците, токму трите најотворани дејности ја избирале Халк банка како свој најчест избор и таа е секогаш на првата позиција по бројот на комитенти од овие дејности.

ТОП 3 дејности по новоотворени фирми и 3 најизбрани банки:
Трговија 775 Халк банка (177) НЛБ банка (140) Комерцијална банка (123)
Други услужни дејности 395 Халк банка (85) НЛБ банка (64) Стопанска банка ‒ Скопје (62)
Преработувачка индустрија 388 Халк банка (88) НЛБ банка (78) Стопанска банка – Скопје (74)