Поранешната шефица на СЈО Катица Јанева пред судот изјави дека мака мачела да преслуша над 660.000 туѓи нелегално снимени телефонски разговори кои биле во посед на СЈО. Слушала само таа, и никој друг. Телефонските разговори, без записник, и ги предаде политичката партија СДСМ а Зоран Заев сам одлучувал кои телефонски разговори ќе бидат предадени, а кои не. Најочигледно е што ги нема телефонските разговори од функционерите на СДСМ бидејќи, ако власта прислушкувала, прво што би направила би прислушкувала политички противници а не самата себе.
Ако навистина Катица Јанева слушала туѓи 660.000 разговори тогаш има тешки психички трауми и не е во состојба нормално да размилсува и расудува. За да се преслушаат толку разговори, ако еден трае само 3 минути во просек, потребни се околу 1.400 денови или повеќе од 3,5 години! Значи, за неполни четири години мандат, Катица Јанева не правела ништо друго, ни јадела ни спиела, туку нон-стоп слушала туѓи телефонски разговори. А според снимките за неа, Катица Јанева и колешките половина од денот поминувале по кафеани и фризери.
Накусо: Катица Јанева лаже. Лаже за ова како и за се друго што зборувала во мандатот и сега пред судот.
1. Според изјави на СЈО, Катица Јанева и Зоран Заев СДСМ им предале околу 1,1 милион разговори а не 660.000. Каде се околу 400.000 телефонски разговори кои Катица Јанева ги крие во судскиот исказ? Каде се уште околу 800.000 телефонски разговори од активисти и функционери на СДСМ кои не се предадени во СЈО? Тие постојат, некои од нив слушнавме на Јутјуб и по социјалните мрежи но, во СЈО – ги нема. Ако ги нема тоа значи дека се скриени докази за криминал на функционери на СДСМ, пред се градоначалници на чело со Зоран Заев.
2. Катица Јанева пред судот, помогната од првообвинетиот Бојан Јовановски, поставува теза дека аферта Рекет е намерно креирана за да се спасат Орце Камчев, Целе Панделески Пелистерка и другите во истрагата за случајот Империја. Дека во креирањето на тој процес за спас учествувала и сегашната обвинителка Вилма Рускоска од ЈО. Бојан Јовановски го означи Зоран Милески Кичеец како агент провокатор кој е главен изведувач, извршител на процесот за уривање на истрагата во случајот Империја. Медимуите блиски до СДСМ ја поддржаа оваа теза, а портпаролот на СДСМ Костадин Костадинов и самата партија застанаа зад тезата на Катица Јанева и Боки 13.
3. Пред истиот суд Бојан Јовановски изјави дека Зоран Заев, на 3. април, значи месец дена пред истрагата, го известил дека странски служби го следат него и Зоран Кичеец, и дека се сомнителни за рекетирање. На 14 април, соработникот на Бојан 13 и човек од доверба на Зоран Заев, Зоран Милески Кичеец бара средба кај шефот на опозицијата Христијан Мицкоски и, со посредство на функционерка од Унијата на жени на ВМРО, таа средба е остварена. На средбата Кичеец му нуди помош на Мицкоски за претседателските избори во Охрид и му раскажува своја анализа за состојбите таму. Настаните потоа ќе покажат дека Кичеец барал и добил состанок кај Мицкоски по наредба на Заев за да проба негова компромитација: не се среќавал само со мене, туку и со Мицкоски.
4. На средбата со Мицкоски Зоран Милески Кичеец доаѓа озвучен. Не е сниман разговорот со телефон, туку со посебни средства за снимање какви има МВР и стручни служби. Тоа докажува намера за однапред планирана компромитација која ќе се употреби во даден момент, секако за изборни цели. Во самиот разговор нема никакви компромитирачки содржини, но целта е да се подготви планирана компромитација на Мицкоски дека се среќавал со луѓе со сомнителен кредибилитет. Уште од 2. Април Заев знае што следи, какви проблеми ќе има заради соработката со Боки 13 и Кичеец и планира да ги уфрли во околината на Мицкоски за да се спаси себе, затоа Кичеец бара средба со Мицкоски подоцна, на 14 Април.
5. Заев вели дека го пријавил рекетирањето кај Вилма Рускоска во ЈО, месец дена подоцна, откако претходно ги известил Бојан Јовановски и Зоран Милески Кичеец да внимаваат, дека се следени и снимани за рекетирање. Нема никакви докази, писмена белешка, дека Зоран Заев навистина пријавил рекетирање во ЈО. Обвинителката Вилма Рускоска и државниот обвинител Јолевски само усмено тврдат дека пријавил и ризкуваат со таа изјава лажен исказ без покритие. Стануваат соработници на Зоран Заев во прикривиањето. Ако се е во право Катица Јанева и Бојан Јовановски дека целиот случај Рекет е заради уривање на СЈО, тогаш уривањето го планирал Зоран Заев, а го извршил заедно со ЈО и Вилма Рускоска. Друг нема ни сила ни моќ тоа да го реализира.
6. Катица Јанева, пред новинари, на денот на сослушување во ЈО изјави дека знае каде завршиле парите од рекетирањето. Чудно, ниту обвинителството ниту било кој на судењето не ја праша за тоа. Не го прашаа ни Зоран Милевски Кичеец ниту Боки 13 кои ги имаа парите во свои раце. Секако, не е случајно што за Зоран Милески Кичеец немаше ни судење, ни испрашување пред судот. Тој го призна делото и судењето заврши пред јавноста да има можност да ги дознае деталите.
7. Зоран Милески Кичеец е пуштен од домашен притвор непосредно пред изборите кои се очекуваат. Нема никаква причина за тоа, ниту нему му одговара сега да биде надвор од куќен притвор. Осуден е првостепено на затворска казна од три години и се чека одлука на Апелација по жалба. Секој ден поминат во куќен притвор на Кичеец му се смета како да го одлежал во затвор, и затоа излегувањето од куќен притвор за него значи повеќе денови во затвор, ако Апелција не ја укине или преиначи пресудата.
8. Зоран Милески Кичеец не е пуштен на слобода без причина. Тој е извршител на Зоран Заев од кого му зависи одлуката на Апелација, и ќе направи се што треба за да има поволна пресуда. Според разговорите со Мицкоски тој контролира дел од гласачкото тело во Охрид и Кичево, а изборите се пред врата. Како што не е случајно ни неодамнешното бегство од затвор на Агим Красниќи, затворен заради местење избори, како и пуштање на нарко кланот од Грчец и Арачиново. Кичеец веќе почна да одработува. Веднаш откако на портал кој деценија е во служба на СДСМ беа објавени разговорите со Мицкоски, Кичеец се најде при рака и потврди дека разговорот е автентичен, и дека имале неколку средби.
9. Човекот од доверба на Зоран Заев, портпаролот Костадин Костадинов од Струмица, уште летоска изјавуваше дека Кичеец се сретнал со Мицкоски. Девет месеци пред да се знае за оваа средба. Мицкоски е сниман и следен во кафеана, теретана, на планинарење, на средби и состаноци во канцеларија. Секаде шефот на опозицијата е прислушкуван, сниман и следен од луѓе на власта и на СДСМ. ЈО не постапи ниту еднаш за тие незаконски снимања и следења на шеф на опозицијата. Костадин Костадинов и денес води кампања користејќи незаконски следења и прилушкувања. Заев повеќе пати изјави дека има телефонски разговори за опозицијата, новинари и бизнисмени, дека ги знае сите нивни банкарски сметки, се заканува со тие сознанија со години но, ни во врска со тоа ЈО не презема ништо. Го слушнавме Заев како договара пресуди и одлуки со Врховниот суд, слушнавме и сведочење на функционер на ДУИ како договара одлуки на Судскиот совет. Државата е киднапирана, функционира врз основа на уцени, закани и политички наредби од еден партиски центар.
Сетете се само какви организирани напади и навреди имаше против францускиот претседател Макрон, против еврокомесарите за проширување Хан и Оливер Вархеји, против претседателот на Србија Вучиќ, претседателот на Угарија Виктор Орбан, претседателот на Австрија Курц кога СДСМ беше загрозен од нивни ставови или изјави. Ако тоа се прави против европски лидери, хајките и погромот на домашен терен се секојдневна пракса.
10. Што докажува последната објава на незаконски снимен разговор при состанок кај шеф на опозицијата? Докажува дека извршители на СДСМ и власта се во нејзина функција, а наградени се со амнестирања за своите дела и оставање простор да се занимаваат со криминал како награда за соработката. Докажува дека постои спрега помеѓу СДСМ и медиуми кои објавуваат разговори и информации како вовед и дел од партиски кампањи на СДСМ. За тоа време, под притисок на СДСМ, сменети се тројца главни уредници на најголемите телевизии во државава и потоа целата медиумска моќ е под партиска контрола. Докажува спрега помеѓу власта, обвинителството и судовите со што целокупниот правен систем во државата е ставен во партиска фукција и претворен во партиски орган за прогон и одмазда.
СЈО не е урнат од никого, па ни од СДСМ, тие се урнаа сами. Со корупција, незнаење, неодговорност. Убедени дека ако власта и пар дипломати стојат зад нив се им е дозволено. Ако секојдневно гледаат корупција во власта на која и служат, се осилија дека треба и тие да заработат ако веќе одржуваат таква власт на позиција, и тоа им одеше добро со години. Само Катица Јанева има без законски основ од сметката на СЈО исплатено на самата себе над 370.000 евра, и по околу 70-100.000 на секој свој обвинител. Но, Катица Јанева посака и повеќе од тоа. Таа никогаш и не била обвинител, туку извршител, затоа и се дружела и соработувала со Зоран Милески Кичеец, Боки 13 и слични соработници на Зоран Заев.