АНАЛИЗА: Омекна реториката на Ципрас

Грчкиот премиер Алексис Ципрас направи обид да ја смири вознемиреноста во однос на неговата антирестриктивна стратегија, откако вети да нема да презема „еднострани“ дејствија во врска со 315-те милијарди евра долг на земјата.

Министер за финансии на Грција, Јанис Варуфакис, повика до мај, годинава, да биде потпишана нова спогодба, објавува „Ајриш Тајмс“, пренесува Нетпрес.

Додека Варуфакис ги изнесува своите предлози пред колегите во Париз, во Лондон и во Рим, притоа заобиколувајќи го Берлин, францускиот министер за финансии, Мишел Сапен, беше последниот европски функционер кој ја отфрли веројатноста за ново намалување на грчкиот долг.

Новиот грчки министер за финансии ги вознемири финансиските пазарите, откако ја стави под сомнеж идната соработка на земјата со тројката кредитори и тоа еден месец пред истекувањето на грчката спасувачка програма. Потоа Ципрас спроведе дузина телефонски разговори за да ја смири ситуацијата. Грчкиот премиер зборувал и со првиот човек на Европската централна банка, Марио Драги, и договорил средби со лидерите на Франција и на Италија, Франсоа Оланд и Матео Ренци.

Потоа испрати јасна порака и побара повеќе слобода за дејствување во борбата против појавите, кои според него, се вкоренети во економските проблеми на Грција – криењето на приходи и корупцијата меѓу владејачката олигархија.

– Никогаш сме немале намера да дејствуваме еднострано за грчкиот долг. Имаме потреба да земеме краток здив за да создадеме сопствена среднорочна програма за обновување, посочил Ципрас во својата изјава.

Економии

Само неколку денови по воспоставувањето на власта на СИРИЗА, грчката влада замрзна неколку и одложи други предвидени мерки. Откажано е ширењето на помошта за Грција, за што Варуфакис изјави дека тоа е само дополнително трошење на пари. Официјален Париз потоа соопшти дека Атина сака да дејствува брзо, наместо да продолжи да зема пари постојано. Следната транша помош, која е предвидено да изнесува 7,2 милијарди евра, зависи од успешното завршување на последната етапа до крајот на февруари. Францускиот министер за финансии Сапен изјави дека ќе го „поздрави секое дејствие, кое може да го намали бремето од долгот“ на Грција, но потенцира дека Европа нема многу ентузијазам за нови отстапки за Атина.

– Воопшто не држи прашањето за анулирање на грчкиот долг, посочи Сапен, и објасни дека тоа би значело префрлување на финансикиот товар од грчките даночни обврзници врз оние од останатиот дел од ЕУ.

Опростување на долгот

Германскиот канцелар, Ангела Меркел, изјави дека Грција сака да остане во еврозоната, но дополни дека воопшто не размислува за ново намалување на долгот.

– Еднаш веќе приватните кредитори се откажаа доброволно од дел од своите побарувања од Грција… банките отпишаа милијарди евра, рече таа.

И покрај мерката за намалување на грчкиот долг, применета во 2012 година, земјата сеуште има долгувања повеќе од 315 милиарди евра, што претставува дури 175 отсто од нејзиното БДП.

Од друга страна, изборната победа на СИРИЗА во Грција стана поволен ветер во едрата на други европските политички партии, кои се залагаат против строгите економски мерки. Во саботата во Мадрид околу 100.000 лица излегоа на демонстрации по повикот на партијата „Подемос“, која најави учество на изборите во Шпанија, кои треба да се одржат годинава.

Во Германија, пак, анкетите покажуваат дека 68 отсто од германските граѓани се против ново простување на грчкиот долг, иако 62 отсто од испитаниците одговориле дека сакаат Грција да остане во еврозоната. Едвај 26 отсто од анкетираните одговориле дека сакаат Атина да го напушти монетарниот сојуз, што е главното барање на евроскептичната партија „Алтернатива за Германија“.

За време на конференција, викендов, основачот на партијата, Бернд Луке, испрати предизвик кон своите партиски противници, и ги обвини за заговор за негово отстранување од раководството и обид да ја свртат партијата кон крајнодесничарското политичко пространство.

– Грција треба да ја напушти еврозоната и се надевам дека ќе го стори тоа, посочил Луке.

Но, тој сепак признал дека „по се изгледа тоа не е планот“.