Папата Франциско на своето патување во Јужна Кореја денеска ќе добие ретка прилика да се обрати на кинеското раководство чијашто влада не им дозволува на Католиците во таа земја да ја признаат неговата власт.
Папата кој денеска полетува од Рим, секогаш испраќа телеграма на лидерите на земјите кои ги надлетува. Овие рутински пораки не се значајни, но бидејќи е во прашање Кина интересот е голем.Фактот што воопшто му е дозволено да ја прелета Кина е добар знак и мал чекор во унапредување на затегнатите односи меѓу Кина и Ватикан, пренесува Ројтерс.
Ватикан нема добри односи со Кина од доаѓањето на Комунистите на власт во 1949 година. Католичката црква во таа земја е поделена на две заедници кои практично се приклонети кон двете страни односно кон Комунистичката партија и другата која му е „верна“ на Папата.Најголем раздор меѓу нив е за тоа кој може да именува бискупи.
„Светата столица сака конструктивен разговор со официјалните лица за да се пронајде решение на овој проблем, кој го ограничува спроведувањето на католичката вера и кој би гарантирал вистинска верска слобода, “ изјави ватиканскиот секретар, кардиналот Пјетро Паролин.
Ватикан со децении испраќа мировни пораки на Кина, но најголема пречка е ватиканското признавање на Тајван.
Друг проблем се и имигрантите кои Северна Која ги прогонува и тие ја поминуваат границата со Кина во потрага по подобар живот, но кинеските власти тоа го спречуваат.
Папата за време на шестдневното патување во Сеул ќе одржи Миса за мир и помирување.
Официјалните лица на Католичката црква во Јужна Кореја, која држи околу 10 отсто од популацијата од 50 милиони, изјавија дека повикале делегација од Северна Кореја, но дека се одбиени.
Во извештајот на ОН од почетокот на годината се проценува дека во Северна Кореја има меѓу 200 и 400 илјади Христијани кои не смеат отворено да ја практикуваат верата.