АНАЛИЗА: Самарас губи од „Сириза“ и ги плаши Грците со излез од еврозоната

Грчкиот премиер Андонис Самарас се потпира на слабоста на гласачите кон Европа и на стравот од излез од еврозоната, во борбата за победа на предвремените парламентарни избори во Грција закажани за 25 јануари, годинава, и во обид да ја порази радикалната левица „Сириза“. Токму оваа стратегија му се покажа како добитна на изборите во 2012 година, пишува АФП, пренесува Нетпрес.

– Некои Грци не се одлучија да гласаат за „Сириза“,и беа вздржани. Така, сега, токму од нив ќе зависат резултатите на изборите, смета Христофорос Вернардакис, од социолошката агенција VPRC.

Во пролетта во 2012 година, во екот на европската должничка криза и стравувањата дека Грција може да излезе од еврозоната, конзервативната партија на Самарас „Нова Демократија“ победи на парламентарните избори, кои беа жестоко оспорувани од „Сириза“. Во изминативе неколу месеци, пак, анкетите покажуваат дека на претстојните избори во Грција, ќе победи „Сириза“ и тоа со разлика од 3 до 6 отсто, пред останатите политички партии.

– Ситуацијата не е како онаа во 2012 година. Тогаш разликата со „Нова Демократија“ беше многу променлива. Самарас ќе треба да привлече нови гласачи со некакви позитивни пораки и предупредувања од можниот излез од еврозоната, предупредува Вернардакис.

Во кампањата на Самарас, предупредувањата за излез од еврозоната станаа негов главен аргумент. Германската влада јавно го сподели неговиот став, ако се суди според објавите во „Spiegel“, според кои Берлин го смета за „речиси неизбежно“ излегувањето на Атина од еврозоната, во случај на победа на „Сириза“.

Европската комисија, која е обвинета дека применува притисок врз грчките гласачи, веќе претпочита да е многу претпазлива – во вторникот комесарот Пјер Московиси изјави дека ЕК „не завзема страна“ во кампањата. Заменик-претседателот на ЕК, Јурки Катајнен пак потенцира дека шпекулациите околу излегувањето на Грција од еврозоната се „губење на време“ и дека членството на земјата е „неповратно“.

Северна Кореја

По неупсехот на грчкиот парламент да избере претседател, поради што еа и распишани предвремените парламентарни избори, Самарас изјави дека главниот влог на изборите сега е „останувањето на земјата во еврозоната“. Во понеделникот тој рече дека „Грците сакаат и ќе останат во Европа“.

– Нема да се претвориме во Северна Кореја само затоа што „Сириза“ така сака, потенцира Самарас.

Анкетите покажуваат дека Грците сепак сакаат да останат во еврозоната.

– Самарас игра на стравот од излезот од еврозоната, нешто што му даде резултат во 2012 година. Тој тоа го смета за ефективно за придобивање на одреден број на неопределени гласачи, кои не беа силно засегнати од кризата, смета Манолис Алексакис, предавач по политичка социологија на критскиот Универзитет.

– Ако „Сириза“ станала позрела, ако ја контролира добро својата кампања, може да ја обезвредни реториката на конзервативците, предупредува Алексакис.

Тоа најмногу ќе зависи од способноста на партијата на 40-годишниот Алексис Ципрас да создаде единствен фронт на маргините на разногласијата за дузина спорни прашања, како на пример враќањето на 240 милијарди евра, добиени како помош, на Европа и на ММФ, кои Грција ги добива од 201о година, а со цел да не банкротира.