Босанските Срби посакуваат независност и стискаат палци за успех на шкотскиот референдум за отцепување од Обединетото Кралство, а за разлика од нив, муслиманите силно ја поддржуваат целоста на поранешната југословенска република, која стана независна во 1992 година, и тоа преку една крвава војна која однесе повеќе од 100.000 човечки животи, пишува „Франс Прес“, пренесува Нетпрес.
По март, кога Крим беше анексиран од Русија, и сега во очекување на шкотскиот референдум за независност, претседателот на Република Српска, Милорад Додик, не престанува да говори за одделување од територијата на Босна и Херцеговина.
– Гледаме што се случува во Италија, во Шкотска и во Каталонија. Тоа е еден многу важен опит за Рапублика Српска. Независно дали тоа иритира некого, или не, ќе ги следиме најдобрите примери, кога ќе дојде вистинското време за тоа, изјави тој пред извесно време.
Дејтонскиот мировен договор и стави крај на босанската војна, која траеше од 1992 до 1995 година. Договорот ја утврди поделбата на Босна и Херцеговина на два дела – Република Српска и Хрватско-муслиманската федерација, кои се речиси со идентична површина. Тие две територијални целости располагаат со голема автономија, а се обединети преку една многу кревка централна власт. Србите, кои во 1991 година го бојкотираа референдумот за независност на БиХ, никогаш не ја прифатија таа нова држава, и покрај автономијата која ја добија во нејзини рамки.
– Ако утре биде организиран референдум, повеќето Срби ќе гласаат за независност. Постепенно Република Српска се претвори во една здрава политичка целина, со која повеќето нејзини граѓани, а најмногу Србите, се идентификуваат, вели Милош Солаја, предавач по меѓународни односи на Универзитетот во Бања Лука.
Тој смета дека раздружувањето „сега не е многу реално“, но додава дека „Република Српска е де факто држава, која располага со сите важни државни атрибути“.
Веќе неколку месеци пред парламентарните избори во БиХ, кои се закажани за 12 октомври, годинава, независноста е најомилената тема на Додик.
– Целта на мојата политика е да бидеме се помалку територијална целина, а се повеќе држава, рекол тој во петокот за време на еден предизборен митинг, разгорувајќи ја радоста на своите симпатизери.
– Тој е нашиот заштитник и ќе не одведе до независност, воскликнувале младите од толпата насобрани на митингот.
Нереална и опасна идеја
Од своја страна, Врховниот претставник на меѓународната заедница во БиХ, Валентин Инцко, изјави дека „суверенитетот и територијалната целина на Босна и Херцеговина се загарантирани со Дејтонскиот мировен договор и со меѓународното право, а нивното ставање под сомнеж, е еден „непотребен чекор“. Но, и покрај тоа, изјавите на Додик ги дразнат муслиманите и нивната главна политичка сила – Партијата за демократско дејствие (ПДД).
– Ако нешто треба да биде подложено на сомнеж, тоа е територијата која ја управува Додик, соопшти ПДД пред извесно време.
Политичкиот аналитичар, Драган Стављанин смета дека се е само прашање на „предизборна реторика“, но предвидува дека реакциите може да бидат „многу покатегорични“, ако заканите за објавување на независност станат поконкретни.
– Мислам дека тоа ќе доведе до нова војна во Босна и Херцеговина, вели тој и додава дека еден таков конфликт може да ги привлече „муслиманските екстремисти“, кои како и во 90-те години на 20 век, ќе ги помогнат босанските муслимани.
Хајдарин Калук – босански муслиман и учесник во војната, со жалење вели дека „српската сепаратистичка политика го парализира функционирањето на државата“. Тој смета дека отцепувањето на Република Српска би ги претворило во нешто како „балкански Палестинци, кои Европа нема да ги сака“.
Според европски дипломатски извор во Сараево, пак, ситуацијата во БиХ и во Велика Британија е „коренито различна“, бидејќи шкотскиот референдум, кој треба да се одржи на 18 септември, годинава, е организиран со целосна поддршка и согласност на британската влада.
– Идејата за преправање на босанските граници не само што е нереална, туку е и многу опасна, дододал неименуваниот извор на АФП.