АНАЛИЗА: Шокатна вистина – Кој владее со Сирија, а не се Русија и Асад?

Сирија

Веќе шест години во Сирија беснее граѓанска војна. Убиени се меѓу 320.000 и 450.000 лица, меѓу кои голем број цивили, а ранети и повредени се повеќе од два милиони сириски граѓани. Речиси половината од популацијата на Сирија, која пред војната броела околу 23 милиони жители, во војната останале без своите домови. Многумина засолниште нашле во помирните делови од земјата, но голем број, поточно милиони лица, побегнале во Јордан, Турција и во некои европски држави, пишува германски „Дер Шпигел“, пренесува Нетпрес.

Со освојувањето на градот Алепо, со руска воена помош, претседателот Башар Асад, тргна по својот пат кон конечна победа во војната и повторно воспоставување контрола врз целата територија на земјата. Моќта на „Исламска држава“ слабее и во Сирија и во Ирак. Оваа терористичка организација ја изгуби контролата врз своите територии во овие две држави. Но, правата вистина е дека Асад не е толку моќен, како што изгледа.

Ова го тврдат новинарите на германскиот весник „Дер Шпигел“, кои говорат за тоа како Асад само наизглед остварил голема победа, но и како неговиот авторитет е само привиден.

Шиитската милиција

Асад во голема мера, во борбата против бунтовниците, се потпира на руската армија, но и на шиитските милиции, поддржани од Иран.

Токму шиитските милиции биле клучни за воениот успех на Асад, бидејќи нему најмногу му недостасувале вооружени борци. Русија го поддржа Асад и прати оружје за сириската армија, за шиитските паравоени формации, како и поддршка со воздушни напади.

Според „Дер Шпигел“, Асад на светската јавност и пратил фотографии и снимки од сириските војници, како доказ за победата, но всушност најголемиот дел од борбата бил на товар на шиитските милиции. Но, од друга страна, шиитските милиции се’ повеќе се оттргаат од контрола и воведуваат свое стравовладеење.

Покрај двете најмоќни групи, „Пустинските соколи“ и „Тигрите“ од Хама, на терен има и стотина други вооружени групации, кои всушност моментно владеат со големи делови од територијата, која пак, само официјално е под контрола на Башар Асад и сириската армија.

Токму тие вооружени групации неказнето пљачкосуваат, злоставуваат цивили, убиваат, шверцуваат и никој неможе да ги спречи во тоа, дури ни Асад. Нивните команданти, всушност, се вистинските владетели на Сирија.

„Господарите на војната“

Ваквиот развој на ситуацијата и не е толку неочекуван, со оглед на религискиот „однос на силите“ во Сирија пред војната. Имено, Башар Асад, како и неговиот покоен татко Хафез, својата позиција и моќ првенствено ја одржувале со лојалност и поддршка од Алавитите, шиитски муслимани, на кои и самите тие припаѓаат. Но, големото мнозинство, поточно околу 75 отсто од популацијата во Сирија ја сочинуваат сунитските муслимани.

Бунтовниците против Асад прво бараа демократија и праведна распределба на државното богатство, но во меѓувреме на површина излегоа разликите и конфликтите меѓу религиските групи.

Бидејќи остана без армија, Асад им допушти на лојалните вооружени борци да формираат свои милиции. На тој начин во многу случаи, лидерите на шверцерските и криминалните банди станаа локални шерифи. Во замена за лојалност кон Асад, тие добија слобода за вршење на своите криминални бизниси, да ги шират, и да воведуваат стравопочит и владеење со примена на брутална сила врз граѓаните, како и да пљачкосуваат и да убиваат по желба.

Двете најголеми милиции, „Пустинските соколи“, чија база е во градот Латакија, и „Тигрите од Хама, секоја одделно бројат меѓу 3.000 и 6.000 вооружени борци.

Со еден збор тие станаа „господари на војната“. Го искористија недостатокот од храна, лекови и гориво, за да го контролираат пазарот и на тој начин да се богатат. Таа заработка им дава можност за нови набавки на оружје и на муниција, како и за најмување на нови борци.

Според „Дер Шпигел“, факт е дека овие „господари на војната“ го заменија државниот безбедносен апарат и тоа во цели региони од земјата. Сириската армија е постојана во потрага по нови регрути, но нема доволно пари за нивните плати. Од друга страна, милициите регрутираат доброволци, кои добиваат и до три пати поголеми плати, но и најважно од се’ „слобода во работата“. Меѓу регрутите во милициите има многу криминалци, на кои покрај добрата плата овозможено им е слободно да шверцуваат дрога, гориво, како и да ограбуваат по сопствена воља.

Асад се’ повеќе зависи од нив, и постојано ги затвора очите пред нивните злосторства, а од друга страна нивната моќ постојано се зголемува.

Градот Хама, на пример, се претвори во вистински „Ел Дорадо“ за „господарите на војната“. Токму во ова место е формирана милицијата „Тигри“, кој ја водат локални племенски водачи, разузнувачи и криминалци, и која сега има цела своја мрежа од бази насекаде низ Сирија.

Најважните „Тигри“

Двајцата најважни команданти на „Тигрите“ се познати криминалци – Али Шели и Талал Дакак, човек кој наводно своите домашни миленичиња лавови ги храни со своите непријатели.

За нив се верува дека стојат позади многу киднапирања, грабежи, шверц, па дури и дека им продаваат гориво на „Исламска држава“ и на сунитските терористи, кои инаку официјално им се непријатели.

Според податоците на сириската воено-разунувачка служба, Шели во 2015 година им продавал оружје на бунтовниците во Алепо, и тоа на истите оние против кои се бореле неговите паравоени формации заедно со сириската армија.

Ним, секако, најважна им е заработката, па оттаму непријателите им стануваат „деловни клиенти“, само ако можат да заработат од нив. Асадовите разузнувачи се обиделе да им застанат на патот, но никогаш не успеале во тоа. Освен тоа, Асад постојано зависи од нивното учество во борбите против бунтовниците и џихадистите.

Најважниот „Пустински сокол“

Мохамед Џабер е водачот на „Пустинските соколи“. Тој на новинарите им се пофалил со своето вооружување, стари советски тенкови и друга тешка артилерија. Го покажал и својот луксузен стан во кој живее, додека во неговите редови се борат дури и голобради момчиња – тинејџери.

Џабер на новинарите им признал дека неговите борци пљачкосувале во некои од освоените градови и села, и според него, тоа се само „црни овци“ кои ги има насекаде.

Ние сме голема група. Некои се добри, некои се лоши. Но, ние се бориме за совјата земја, а тоа е она најважното, рекол тој.

Џабер ги нарекол киндапери и убијци своите ривали „Тигрите“ од Хама.

Двете паравоени формации понекогаш имаат и судири меѓусебе. Токму поради тоа генералите на Асад тежнеат секогаш да ги држат одвоени, на различни фронтови. Висока е цената за услугите на Џабер. Тој зад себе има кариера во шверцот со нафта, која ја носел од Ирак во текот на 90-те години од минатиот век. Токму на тој начин, Џабер и неговиот брат се збогатиле, а потоа вложиле милиони во иднустријата за челик.

Асад ги побарал неговите услуги со самиот почеток на војната во Сирија и со воведувањето на санкциите кон земјата.

За да ги заштитат конвоите, кои возеле низ пустината, Мохамед Џабер и неговиот брат, ангажирале повеќе стотици поранешни војници, но и криминалци. Асад во 2013 година потпишал уредба, со која државата Сирија на приватни компании им дозволува да имаат сопствени безбедносни сили, и со тоа им го отвориле патот на клептоманите да станат „господари на војната“.

Милициите сакаат официјална власт?

Џабер вели дека има доволно моќ и пари и дека единствена негова цел е да му помогне на Асад во граѓанската војна во Сирија. Тој вели дека ќе го остави оружјето кога ќе заврши војната, но дополнува дека сепак „би можел да контролира околу 60 отсто од земјата“, кога тоа би му било дозволено.

Русија има прилично прагматичен пристап кон овие „господари на војната“. Иако, лично се згрозени од нивното однесување, руските генерали им даваат оружје и поддршка на оние милиции, кои во моментот им се потребни. Но, по се’ изгледа дека милициите нема да запрат само на богатење со помош на криминал. Тоа го покажува податокот дека на изборите во 2016 година во парламентот влегоа кандидати, кои се тесно поврзани се некои од командантите на милициите.

Колку и Западот да го смета Асад за ужасен диктатор, тој сепак беше единствен привиден авторитет во земјата. Сега, моќта на милициите покажува дека тој одамна го изгубил својот авторитет, заклучува „Дер Шпигел“.