Вмешувањето на рускиот претседател Владимир Путин во Украина можеби предизвика ужаснување на Западот, но во својата татковина тој останува да биде обожуван, а руската економија засега е недопрена, анализира „Voice of America“, пренесува Нетпрес.
„Дури и да одлучам да употребиме сила, тоа би било оправдано… Наш интерес и наша одговорност е да ги заштитиме луѓето, кои толку многу се поврзани со нас, како историски, така и културно и економски“, изјави Путин на прес-конференција.
Овој став го делат многу граѓани на Москва. Наталија е една од нив. Таа има роднини во малиот град Евпаторија, кој се наоѓа во оспоруваниот и многу стратешки, од воена гледна точка, кримски регион.
„Сите мои пријатели, роднини и соседи оттаму, велат дека Крим сака да биде дел од Русија“, вели Наталија.
Друг жител на Москва – Евгени, исто така го дели ставот на Путин, дека новата украинска власт е нелигитимна.
„Тоа навистина е внатрешен проблем на Украина, но од законска гледна точка, смената на власта е навистина незаконска“, смета тој.
Во меѓувреме, боите пред украинската амбасада во Москва ги симболизираат тесните врски меѓу Русија и Украина, но може и да алудираат на солидарност кон сегашните власти во Киев.
Рускиот аналитичар од сферата на одбраната, Павел Фелгенхауер, вели дека опциите може да се сменат, ако животот во Русија се измени драстично под притисок на санкциите на САД и на ЕУ.
„Русија има силно учество во меѓународниот финансиски систем. Санкциите, пак, ќе бидат жестоки, ако навистина се сериозни“, вели Фелгенхауер.
Од Московската берза велат дека ракцијата на конфликтот била предвидлива – инвеститорите продаваат акции. Не е пријатно да се види, но трговијата продолжува во добри размери. Странските инвеститори учествуваат со 40 отсто во акциите кои беа продадени во Москва.
Путин гледа на санкциите на Западот како на една обична игра во стилот „око за око, заб за заб“.
„Во модернито свет, во кој се’ е поврзано и секој зависи од другите на одреден начин, својствено може да се нанесе штета, но таа ќе ги погоди и двете страни“, изјави Путин.
Двостраните штети се единствената јасна неизбежност за сите страни во конфликтот.
„Не мислам дека Украина, по сите промени, по спроведувањето на легитимни избори и преструктуирање на армијата, ќе се помири со тоа дел од земјата да биде под руска власт. Во крајна сметка, тие ќе се одлучат на удар, што значи дека може да се оди до бескрај. Путин ќе продолжи да се инати, а Украинците ќе го прават истото. Западот, пак, најверојатно, исто така, ќе треба да биде упорен“, смета Фелгенхауер.
Но, упорноста и дипломатијата всушност не се нешта кои одат рака под рака. Планираната средба на Г-8 во Сочи се распаѓа, од Украина доаѓаат гласини дека доброволци се подготвуваат за борба, а Путин сеуште не ги открил своите слаби точки.