Со секој изминат ден се’ повеќе се продлабочува загриженоста на Европската унија во однос на три источноевропски држави: Унгарија, Романија и Бугарија.
Токму во овие три земји во се’ поголем степен започнува да функционира авторитарниот стил на управување, а рускиот претседател Владимир Путин очигледно е неговиот кум, пишува „Дојче Веле“, пренесува Нетпрес.
Меѓународната невладина организација „Фридом Хаус“ предупредува:
Процесите на демократизација во некои од новите земји членки на ЕУ постојано се влошуваат. Унгарија е последнорангирана на т.н. листа на „консолидирани демократии“ во ЕУ. Земјата заостанува далеку зад Полска и зад Чешка, кои исто така порано припаѓаа кон Советскиот блок. Романија и Бугарија, од своја страна, успеаа да влезат само во категоријата „полу-консолидирани демократии“.
Според извештајот на „Фридом Хаус“, некои лидери „системски го разбиваат системот на демократска рамнотежа под превезот на т.н. реформи“. Уште пред две години организацијата почна да зборува за „Путинизација“ во источна и во централна Европа.
Со години Унгарија беше еден примерен ученик на демократизацијата и на европската интергација. Но, под палката на премиерот Виктор Орбан, земјата тргна по еден повеќе антидемократски и авторитарен курс. Унгарскиот премиер го прифати Владимир Путин како еден модел, кој се грижи за „законот и редот“ во Русија. Самиот Орбан, на начин многу сличен на тој на Кремљ, ги идентификува непријателите на Унгарија, како „странци кои си водат интереси насочени против нацијата“ и кои добиваат „милионска корупција од меѓународните финансиски кругови“. Тука се земаат во предвид оние активисти од унгарското граѓанско општество и од невладините организации, кои работат на поддршката на човековите права и правата на малцинствата, и кои го критикуваат политичкиот развој на Унгарија под раководство на Орбан.
Романскиот премиер Виктор Понта спроведува многу сличен поход. Се’ почесто тој зборува за тоа дека Романија треба да тргне по еден пат, различен од оној на западните земји партнери од ЕУ, и дека економијата на државата треба да се ориентира кон исток, поради „континуираната рецесија во еврозоната“.
Во истовреме Бугарија, пак, е во разгорувањето на предизборната кампања. На 5 октомври, годинава, таму ќе се спроведат предвремени парламентарни избори. Состојбата на државата не е ништо подобра од онаа на другите источноевропски држави. Уште во 2008 година, само една година по влезот во ЕУ, анкетите покажаа згаснување на ентизујазмот кон Европската унија и зголемување на приврзаноста кон својот некогашен голем брат – Москва.
Германија веќе предупреди за силното влијание на Русија во бугарската политика. Во еден интерен документ од федералната влада од мај, годинава, се вели дека Русија гледа на Бугарија како на парче земја на непријателската територија на ЕУ, кое може да послужи како појдовна точка за воени операции. Во Социјалистичката партија сеуште се активни старите комунистички кадри, соработници на тајните служби и бугарски олигарси, кои си терале бизниси со опкружувањето на Путин. Односите се толку блиски што Русија има силно и непречено влијание врз законодавството на земјата.
И покрај се’, терминот „Путинизација“ останува спорен. Берлинскиот политиколог Кај-Олаф Ланг не верува дека знаците на ерозија на демократските стандарди во овие три држави се појавиле пред се’ поради руското влијание.
Според него, ЕУ треба да биде на чисто со три нешта.
Прво: каде станува збор за постепено изумирање на демократијата, каде за лошо и корумпирано управување и каде за можни мрежи во сенка.
Второ: ЕУ треба да се усогласи околу тоа кои се „црвените линии“, односно да успее да искристализира, кој развој не е добар, но сеуште е „прифатлив“, а кој претставува реална закана за демократијата.
Трето: Брисел не треба да ја заборава дискусијата за ефективните инструменти за налагање на санкции.
Но, независно дали станува збор за „Путинизација“ или пак за друга форма на „оргинална демократија“, Унгарија, Романија и Бугарија најверојатно ќе продолжат да предизвикуваат стравувања кај Европската унија.