АНАЛИЗА: Трамп не ги исполни очекувањата на сојузниците од ЕУ, НАТО и Г7

Првата средба на американскиот претседател Доналд Трамп со челниците на Европската унија, НАТО и челниците на седумте индустриски најразвиени земји во светот од ткн „Големата седумка“, малку откри за насоките на американската надворешна политика и не ги смири премногу меѓународните партнери, сметаат аналитичарите по неговото внимателно разработено прво официјално патување надвор од Соединетите држави.

Првата турнеја на њујоршкиот милијардер во својство на челник на единствената супер сила во моментов на планетата, се оценува, особено во европските медиуми, дека оставила впечаток на конфузно функционирање на неговата администрација. Особено поради тоа изјавите од претставници на кабинетот на претседателот на САД во текот на турнејата беа толкувани како противречни, особено кога стануваше збор за ставовите кон НАТО.

И додека странските челници очекуваа дека во текот на посетата на американскиот претседател Доналд Трамп на Брисел и на самитот на членките на Г7 на Сицилија ќе добијат барем некаква претстава за насоките на надворешната политика на новиот челник на САД, Трамп се реши да се насочи на внатрешнополитичките американски прашања во контекстот на меѓународните политики, наместо своите сојузници да ги информира за надворешнополитичките прашања. Така, ги остави да „тапкаат во темница“ во однос на извонредно за нив важните прашања, се проценува во бројните анализи.

„Во многу кус временски период сфатија дека со оваа администрација нема да има меден месец“, вели за агенцијата DPA, Кристијан Молинг од германскиот совет за надворешни работи.

Откако ја посети Саудиска Арабија каде што се сретна со арапските муслимански челници и за САД издејствува потпишување на трговски договори вкупно проценети на околу 500 милијарди долари и во прв ред за продажба на американско оружје, Трамп патуваше во Израел, на Западниот брег (палестинската енклава), па потоа и во Брисел и на Сицилија каде што имаше серија состаноци со важните меѓународни партнери традиционални американски сојузници. Но, и покрај, дипломатското дебитирање на новиот американски претседател, остануваше по секоја средба недоискажано и не ги исполнуваа очекувањата на странските политичари. Така, ниту првите впечатоци остави не се оцените како многу позитивни.

Високи функционери на Европската унија во изјавите кажаа дека, по состанокот со Трамп во четвртокот во Брисел, двете страни не расправале за меѓународната трговија, за климатските промени ниту за односите со Русија. Сите изјави кои следуваа беа поединечни оцени на европските челници и нивни индивидуални впечатоци за тенденциите кај Трамп. Така, на самитот на НАТО одржан истиот ден, Трамп експлицитно не го спомена Членот 5 од Повелбата на сојузот, според кој нападот врз една земја членка се смета за напад врз сите нив, и покрај тоа што сојузниците бараа гаранции кога станува збор за американското учество во заедничката одбрана. Меѓутоа, многу од светските агенции, во прв ред во контекстот на тензиите со Русија, пренесуваа неименувани европски извори дека наводно американскиот челник „јасно“ се изјаснил за поддршка на споменатиот член. Првенствено базирајќи се на изјавата на американскиот советник за национална безбедност Х.Р Мекмастер кој изјави дека претседателот Трамп ја поддржува неоспорно заемната одбранбена доктрина на НАТО, иако експлицитно не го спомена Членот 5 во текот на посетата на Брисел.

Во текот на говорот одржан во новото недовршено седиште на НАТО во Брисел, Трамп ги разочара сојузниците неспоменувајќи ја поддршката за споменатиот член. Во текот на предизборната кампања Трамп го доведе во прашање Членот 5, велејќи дека членките коишто не го уплатиле износот од својот бруто национален приход (БДП) од најмалку 2 отсто за одбраната, или како што се изразуваше „кои не го издвоиле чесниот дел“ за одбраната, не заслужуваат ниту полза од членството во Алијансата.
„Се очекуваше претседателот експлицитно да каже дека го поддржува Членот 5. Секако дека е така. Ниту му беше намерата да го каже тоа. Тоа беше опфатено со говорот. Факт е дека САД и нивниот претседател цврсто стојат за обврските од Членот 5 на НАТО“, истакна Мекмастер, што сепак, е недоволно да ги разувери сојузниците.

И во петокот и во саботата, на самитот на челниците на членките на Г7, неформалниот форум на лидерите на САД, Канада, Јапонија, Франција, Германија, Велика Британија и Јапонија, Соединетите држави единствени не се обврзаа дека ќе останат на Парискиот договор за климатските промени. Трамп рече дека одлуката за тоа дополнително ќе ја донесе, односно по враќањето во САД. Но веднаш по неговото враќање американски функционери рекоа дека американскиот претседател Доналд Трамп на свои доверливи луѓе, меѓу кои и директорот на Агенцијата за заштита на природната средина Скот Пруит им рекол дека има намера да го напушти меѓународниот договор за климатските промени. Претходно во саботата американскиот претседател Доналд Трамп, скептик во влијанието на индустријата врз глобалното затоплување и кој во својата предизборна кампања најавуваше дека САД ќе се повлечат од Парискиот климатски договор кој во кон крајот на 2015 година го потпиша неговиот претходните Барак Обама, соопшти преку социјалната мрежа Twitter, дека следната седмица ќе ја донесе одлуката дали ќе го поддржи климатскиот договор. Извор кој бил во контакт со функционерите кои биле вклучени во носењето одлука за Reuters изјави дека за следната седмица се планираните неколку состаноци со првите личности на енергетските компании и други, за климатскиот договор, пред најавената објава на Трамп подоцна следната седмица. Агенцијата истакнува дека не е јасно дали споменатите состаноци воопшто ќе се одржат.

Трамп во минатото феноменот на глобалното затоплување го нарекуваше измама и беше изложен на заеднички напори на светските лидери да го почитува договореното од Париз за ограничување на емисијата на јаглерод диоксид. Неговата неподготвеност да го прифати првиот правно обврзувачки глобален климатски договор кој го потпишаа 195 земји, видно ја изнервира германската канцеларка Ангела Меркел. „Целата дискусија за климата беше многу тепка, да не кажам незадоволителна. Нема знаци дали САД ќе останат со Парискиот договор или не“, рече за новинарите на самитот Меркел.

„Прашањата како што се оние за трговијата, климатските промени и Русија не можат да се решат во текот на првата посета на Трамп, но се очекуваше дека првата средба со него, сепак, ќе биде позитивна. Првите средби на ова ниво даваат големи можности, но, се чини, дека оваа не минала така“, оценува Иан Лесер од германската Маршалова фондација.

Кога станува збор за меѓународната трговија, за којашто Трамп често зборуваше во предизборната кампања ветувајќи дека ќе ја подобри американската економија со постигнувањето на поволни билатерални трговски договори, новиот американски претседател не бил подготвен да ги прифати политиките на Европската унија, според коишто сите договори мора да одат преку Брисел, а не преку билатералните договори со секога поединечна членка на Унијата.

„Ова се чини некако како однесување на тинејџер. Знаете, кога младите велат – да знам дека не можам да го добијам тоа, но и натаму сакам да го постигнам тоа на свој начин“, додава Молинг.

И додека Трамп јавно пофално и позитивно зборуваше за своите средби со странските челници, непознато е во која мера навистина тие билатерални состаноци биле, оценува Тристен Тејлор од Истражувачката група Г7. „Фалбаџија е и постојано нешто изведува, како естрадна ѕвезда пред медиумите и камерите, но во текот на билатералните средби, всушност е помал од зрно“, смета Тејлор.