Кампањата со воздушни напади во Ирак и во Сирија, која ја спроведуваат САД поддржани од своите сојузници, претставува добар извор на средства за американските производители на оружје.
– Тоа е совршената војна за компаниите, кои работат со армијата, и за оние кои сакаат зголемување на средствата за одбраната, вели Ричард Абулафиа, вицепретседател на консултантската компанија „Тијл Груп“.
Воздушните напади врз „Исламска држава“ значат расходи од милиони долари за купување на бомби, ракети, резервни делови за воздухопловите и повеќе аргументи во корист на финансирањето на модерна апаратура, било за воени авиони, разузнавачки летала или пак за бомбардери, пишува „Ла Либре“, белгиски весник, кој се печати на француски јазик.
Откако Барак Обама испрати воени „консултанти“ во Ирак, во јуни годинава, цената на акциите на големите партнери на Пентагон почна да се зголемува и го продолжи својот раст со почетокот на воздушните напади во Ирак на почетокот на август, годинава.
Фактот, пак, дека нападите засега имаат ограничен ефект, не го ослабнува апетитот на инвеститорите кон претпријатијата од секторот на одбраната, потенцираат аналитичарите.
Сите големи компании изведувачи „се развиваат подобро отоколу што експертите го очекуваа тоа пред три години“, вели Лорен Томпсон од институтот „Лексингтон“, кој има многубројни врски во воено-одбрамбената индустрија.
Тие компании си го развиваат бизнисот благодарение не само на склучените договори со американската влада, туку и со помош на зделките со други европски или арапски држави, кои се дел од коалицијата за воената кампања против „Исламска држава“. Тие држави ќе сакаат да се опремат со муниција и да инвестираат во својата воена авијација, сметаат аналитичарите.
Освен пазарот на воени авиони, конфликтот ќе овозможи развој и на трговијата со воздухоплови за полнење гориво, авиони за разузнавање и беспилотни летала, кои моментно извршуваат многу важни мисии во Ирак и во Сирија.
Приватните безбедносни компании, кои имаа големи благодети од американската окупација на Ирак и на Авганистан, изминативе години, исто така се оптимисти – претстојниот конфликт треба да донесе нови договори во рамките на напорите за помагање на ирачките сили.
И на крајот, ако пред една година Пентагон се подготвуваше за големи буџетски кратења по конфликтите во Ирак и во Авганистан, кампањата против „Исламска држава“ како и напрегањата околу кризата во Украина, брзо ги сменија тие работи, како во Вашингтон така и на „Вол Стрит“.
– Изгледа се создаде консензус во насока на зголемување на расходите за одбраната, за да се справиме со опасните предизвици, пред кои сме исправени. Освен економскиот ефект, основниот лост во војната е и политички и сега се помалку конгресмени повикуваат за намалување на воените расходи, вели Абулафиа.
И покрај тоа, за да се зголемат расходите за одбраната, Конгресот прво ќе треба да се откаже од законот, кој предвидува органичување на расходите на Пентагон до износ од околу 580 милијарди долари за 2014 година.
– Прашањето предизвика несогласување меѓу републиканците и демократите, но многу е тешко да кажете не, кога сте во војна, потенцира Лорен Томпсон.