Ананд: Посетата на Гутереш на Казан ја одразува важноста на БРИКС и за Западот

Посетата на генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш на самитот на БРИКС во руски Казан покажува дека асоцијацијата стана важна за Западот, вели претседателката на Меѓународниот форум на земјите од БРИКС, Индијката Пурнима Ананд во интервју за руската агенција ТАСС пред почетокот на 16-от самит на групацијата најголеми пазари во развој.

„Како што слушнавме, доаѓа и генералниот секретар на ОН, така што ова покажува дека овој (самит на БРИКС) има меѓународно значење и ова не е само асоцијација на БРИКС и 30-те земји заинтересирани да станат членки на групата БРИКС, ова е меѓународен настан. И јас се надевам дека присуството на Обединетите нации покажува дека оваа групација БРИКС стана многу важна за Западот и Америка“, вели Ананд.

Ананд ја истакнува важноста и вредноста на претстојниот настан.

„Казан ќе стане најбезбедното место на земјата и многу светски челници ќе дојдат во Казан и ова е навистина многу важна конференција, бидејќи сега има многу големи турбуленции во светот“, додава таа и потсетува на конфликтите кои постојат во светот како што се руската инвазија во Украина и војната на Израел во Појасот Газа и Либан.

„Мирот и регионалната безбедност се многу важни затоа, имаме многу големи очекувања од самитот на БРИКС 2024 година“, истакна шефот на форумот на меѓународните асоцијации.

Самитот на БРИКС се одржува во Казан од 22-ри до 24-ти октомври, а во вторникот пред почетокот на работниот дел рускиот претседател Владимир Путин се сретна со индискиот премиер Нарандра Моди, земја која економски тесно соработува со Русија а политички инклирира кон Западот иако не ги прифати неговите антируски санкции поради војната во Украина.