Карло Анчелоти е назначен за нов тренер на „Наполи“ откако претходно Маурицио Сари доби отказ.
„Наполи“ со задоволство може да потврди дека е постигнат договор со Карло Анчелоти да биде нов тренер на првиот тим во наредните три сезони почнувајќи од 2018/19“, стои во соопштението на клубот.
„Наполи“ со назначувањето на Анчелоти покажува уште поголема амбиција за освојување на Скудетото до кое во изминатите години беше блиску, но не успеваше да биде подобар и од „Јувентус“.
Среќен сум што ќе бидам тренер на екипа во еден таков уникатен град со неверојатни навивачи, рече Анчелоти во изјавата за „Скај Спорт Италија“ затечен на аеродромот при пристигнувањето во Италија.
Трофејниот италијански стручњак постигна договор со Аурелио Де Лаурентис на синоќешната средба во Неапол, а за него тоа е прво враќање во Италија по 2009 година, кога го напушти „Милан“. Тој во меѓувреме работеше во „Челси“, „ПСЖ“, „Реал“ Мадрид и „Баерн“ Минхен.