Тренерот на Реал, Карло Анчелоти, во саботата навечер изјави дека сѐ уште ја чека одлуката на Лука Модриќ дали ќе остане во Реал Мадрид.
Триесети иосумгодишниот капитен на хрватската фудбалска репрезентација преговара со раководството за продолжување на договорот кој му истекува на 30-тијуни.
„Ја чекаме одлуката на Лука“, изјави Анчелоти на прес-конференцијата по ремито на Реал Мадрид со Бетис 0:0.
Италијанскиот стратегг додаде дека ги очекува и одлуките на дефанзивецот Начо Фернандез и крилниот напаѓач Лукас Васкез, чиишто договори, исто така, истекуваат за еден месец.
На прашањето дали им дал совет на тројцата играчи, Анчелоти одговори дека не дал.
„Не го ни побараа. Тие не се мои синови. Тие точно знаат што сакаат да направат и ние ќе ги почитуваме тие одлуки“, додаде Италијанецот.
Модриќ, најстариот играч во соблекувалната, во претходните настапи на медиумите изјави дека би сакал да остане во Реал Мадрид, за кој настапува од 2012 година и со кој има освоено 25 трофеи. Анчелоти ја спроведува клупската политика за подмладување на составот, а шпанските медиуми објавија дека управата му понудила на Модриќ договор со помала плата и улога во која тој ќе игра помалку.
Реал Мадрид не ги коментираше овие наводи, туку само објави дека преговорите се во тек.
Во саботата, 34-годишниот играч за врска Тони Крос се прости од навивачите на „Сантијаго Бернабеу“. Германецот чиј договор истекува на 30-ти јуни изјави дека летово ќе се збогува од професионалниот фудбал. Последниот настап за Реал Мадрид ќе го има во Лондон за една седмица во финалето на Лигата на шампионите против Борусија Дортмунд.
Клубот од Мадрид оваа сезона веќе го освои шпанското првенство и Суперкупот.