Анчелоти: Договорите со Модриќ и Крос моментално се во втор план

Тренерот на Реал, Карло Анчелоти во саботата изјави дека прашањето за продолжување на договорите со играчите од средниот ред Лука Модриќ и Тони Крос се „во втор план“ поради претстојното финале во Лигата на шампионите, а за „иднината“ ќе се разговара по 1-ви јуни.

На прес-конференцијата во Мадрид, новинарите го прашаа Анчелоти дали Модриќ и Крос ќе останат во клубот по истекот на нивните договори на 30-ти јуни.

„Тоа сега е на втор план. Ќе зборуваме за иднината по финалето на Лигата на шампионите“, изјави тренерот во пресрет на неделниот првенствен натпревар со Виљареал.

Реал Мадрид, кој веќе ја обезбеди титулата шампион на Шпанија, до крајот на првенството ќе игра против Виљареал и Бетис. Потоа, на 1-ви јуни во Лондон го чека финалето од Лигата на шампионите со Борусија Дортмунд.

Запрашан за врската со 38-годишниот Модриќ, Анчелоти одговори дека „никогаш немал проблем со него“.

„Покрај тоа што е врвен играч, еден од најдобрите во светот, тој е фантастична личност. Никогаш не сме имале никакви проблеми еден со друг, ниту ќе имаме. Се почитуваме“, рече итлијнскиот стратег.

Сезонава Анчелоти ја спроведува клупската политика за подмладување на тимот, па го внесе Модриќ од клупата за резерви на половината од 43-те натпревари на кои се појави.

„Генерациската транзиција се одвива мирно“, рече тој.

Шпанскиот весник Marca претходно во текот на саботата ја пренесе изјавата на агентот на Модриќ, Владо Лемиќ, дадена за еден саудиски портал, според која капитенот на хрватската репрезентација „најверојатно ќе остане уште една година во Реал Мадрид“. Весникот АS, без да го наведе изворот на информацијата, наведе дека „усно е договорено продолжување на соработката до 30-ти јуни 2025 година“ и дека Реал за неколку дена би можел и тоа официјално да го објави.

Модриќ игра за Реал Мадрид од летото 2012 година и со него освои 25 трофеи.

Хрватскиот играч за врска пред шест дена пред новинарите во Мадрид изјави „ќе видиме што ќе се случи“. Тој во саботата тренираше нормално со соиграчите како подготовка за гостувањето кај Виљареал.

„Одиме таму со сите играчи, бидејќи овој натпревар е важен за нас за да ја продолжиме нашата победничка серија“, рече Анчелоти.