Анчелоти му ја отвори вратата на Луис Суарез

Предводникот на новиот европски клупски шампион, тимот на Реал (М), Карло Анчелоти, јавно го пофали најдобриот фудбалер во дресот на англискиот премиерлигаш Ливерпул, Луис Суарез и додатно ги подгреа шпекулациите дека уругвајскиот интернационалец ќе се пресели на “Сантијаго Бернабеу” за време на летниот преоден рок.

Шпанските медиуми постојано ја форсираат приказната дека претседателот на “кралскиот клуб”, Флорентино Перез на стартот од преодниот рок ќе испрати официјална понуда за Суарез и истата нема да биде помала од 90 мил. евра.
“Искрено, тешко да се подобри тоа што веќе го имам на располагање. Реал (М) има одличен тим, задоволен сум од тоа што го имам на располагање. Луис Суарез е фантатсичен фудбалер, роден голгетер, но сакам да покажам респект кон раководните лица на Ливерпул. Не сакам да зборам за фудбалер кој не е дел од Реал (М), за фудбалер кој има договор со друг клуб. Сега не е време за да збориме на оваа тема. Нема потреба од некакво брзање, Реал (М) нема потреба од многу фудбалери. Има време до 31 август”, изјави трофејниот италијански стручњак.