![vla](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2022/04/vla.png?resize=607%2C369&ssl=1)
По натпреварот меѓу Шкупи и Тиквеш се крена прашина околу еден досуден и поништен пенал на гостите од страна на судијата Јован Качевски кој можеше да го смени текот на натпреварот на скопски „Чаир“, а тренерот Влатко Костов најави оставка, но главниот финансиер на клубот, Општина Кавадарци, се огласи по повод оваа тема.
Градоначалникот на градот, Митко Јанчев, изјави дека не ја прифаќа оставката на Костов затоа што, како потенцираше, тој не е виновен за неправдите кои клубот ги доживеа на теренот поради судиските одлуки.
„Како Градоначалник отсекогаш сум го поддржувал спортот во Кавадарци. Особено ми претставува чест кога ги следам натпреварите на нашиот ГФК Тиквеш. Се гордеам со резултатите што ги постигна во последната година и секогаш сум со него и кога победувал и кога губел. И затоа по најавената оставка на тренерот Влатко Костов, единствено што можам да кажам е дека ниту јас, ниту Управниот одбор, навивачите и љубителите на фудбалот, не можеме да ја прифатиме, затоа што сметаме дека тој не сноси никаква одговорност за фудбалските настани кои следеа претходно, за што се изјасни и судиската комисија на ФФМ и призна дека нашиот клуб многупати досега бил оштетен. Затоа, му даваме целосна поддршка на тренерот Влатко Костов, човек кој важи за најдобар и најискусен во Македонија, да остане на чело на Тиквеш и да продолжи со неговата работа, и секако да го подготвува тимот за следниот натпревар на домашен терен против ФК Струга Трим Љум“, истакна Митко Јанчев.
Тиквеш, кој по 18 години се врати во Првата македонска фудбалска лига, до крајот на сезоната го чека битка за опстанок во елитата.