Јанчев со амбиција да го преземе ВМРО-ДПМНЕ

Градоначалникот на Кавадарци од редовите на ВМРО- ДПМНЕ и поранешен потпретседател на партијата, Митко Јанчев, во интервју за „Фокус“ ги открива своите идни планови поврзани со партијата, но и одговара на обвинувањата од страна на лидерот на партијата Христијан Мицкоски

За неговите индиректни обвинувања за потрошен кадар, но и за отворената реакција од страна на Јанчев, кога по парламентарните избори јавно му порача на Мицкоски да се повлече од партијата, за амбициите и целите во иднина, околу тоа во кој правец треба да се движи ВМРО- ДПМНЕ, кавадаречкиот градоначалник ги сподели своите ставови.

Фокус: Христијан Мицкоски обвинува дека најголемиот поткуп на овие избори се случил во Кавадарци, како вие го коментирате тоа?

Јанчев: Кавадарци е пристоен, чесен и работлив град, нема никаков поткуп! Ако тој сепак има некакви информации, нека пријави во Обвинителството, но сепак мислам дека се служи со бедни дискредитации директно кон мене, знаејќи дека Општина Кавадарци е еден од најуспешните градови во државата. Отсекогаш Мицкоски сакаше да го има ,,под свое” Кавадарци, тоа е и една од причините зошто ме разреши од потпретседателската функција во ВМРО-ДПМНЕ, затоа што отсекогаш ме сметаше за конкуренција.

Фокус: Дали мислите дека замрзнатиот имот ја оневозможува работата на партијата, како што вели нејзиниот лидер, и уште вели дека партијата ВМРО-ДПМНЕ е подлежна на корупција од некои центри на моќ?

Јанчев: Јас мислам дека замрзнатиот имот е една работа која треба да се истражи комплетно, а функционирањето на партијата е сосема друга работа. Самиот Мицкоски вели дека партијата поради замрзнатиот имот е подлежна на корупција. Би сакал да го прашам, како во предизборието ветуваше правда, а самиот себе, во интервјуто за ТВ Алфа, се обвинува дека е подложен на корупција тој, а со тоа и партијата. Од друга страна, факт е дека ВМРО-ДПМНЕ на четири последователни избори губи. Резултатите се многу слаби бидејќи граѓаните немаат идентификација во Мицкоски и сегашното раководство. Политиките на мојата партија граѓаните не ги препознаваат, од тука се и слабите бројки на изборите. Треба да се движиме напред, да дефинираме јасни политики, со свежи и проевропски идеи за нашата земја, со јасен правец за Европа и НАТО.

Фокус: Како е возможно еден градоначалник што бил кандидат на ВМРО-ДПМНЕ и пред само две и пол години убедливо победил во неговата општина, сега да биде виновен за поразот на ВМРО–ДПМНЕ на овие предвремени парламентарни избори?

Јанчев: Уште од самиот почеток на градоначалничкиот мандат моето функционирање не беше позитивно прифатено. Наместо задоволство за напорното работење, секогаш добивав неосновани критики. Можеби непрекинатите изведби на сите проекти, кои впрочем според Мицкоски комуналните изведби претставуваат поткуп, што е смешна причина за пораз, проекти кои го придвижија Кавадарци многу чекори напред, некому му бодат во око, од причина што менаџерски не може да го постигне истото. Наместо да учи од своите грешки, Мицкоски својата неуспешност се обидува да ја сокрие преку критиките упатени кон видливиот успех, кој не е само мој, туку и на Општина Кавадарци.

Фокус: Вас ве нарече индиректно, потрошен кадар, зарем не мислите дека е тоа потценувачки, ако се знае дека сте вие еден од најдобрите градоначалници во државата?

Јанчев: Ви реков и погоре. Јас водам квалитетен и прогресивен град, граѓаните знаат да препознаат добри политики. Неговото потценување е потврда за неговата неспособност како лидер на најмоќната опозициска партија во Северна Македонија.

Фокус: Вие бевте првиот што рече дека Мицкоски после поразот треба да си замине од ВМРО – ДПМНЕ. Дали вие ќе бидете новиот лидер на ВМРО – ДПМНЕ и како планирате да ја преземете партијата?

Јанчев: ВМРО – ДПМНЕ ќе дочека подобри денови, кои всушност ги чека одамна. Оваа ситуација не може да биде вечна. На луѓето веќе им е смачено од сите притисоци и тапкањето во место. Потребна е целосна промена, со демократски ставови, со различни мислења, со различни совети од сето тоа на крај да умееме да го извлечеме најдоброто. Едноумието не не води кон успех, премногу субјективно размислување не носи чекор назад. Кога Митко Јанчев ќе го преземе ВМРО – ДПМНЕ, секојдневното функционирање на партијата ќе се движи во еден сосема поинаков правец, а тоа значи европеизација, демократизација, економија и просперитет за секој еден граѓанин во нашата земја.