Постојат неколку причини зошто изборите не треба да се одложат. Тоа се политички, безбедносни, економски, социјални и дури и психолошки причини, вели универзитетскиот професор Оливер Андонов на прашањето на Курир за негов коментар во однос на последната анкета на „Павел Шатев“ каде граѓаните јасно велат дека се против одложување на изборите.
Сепак ценам дека граѓаните не сакаат одложување на изборите во толку висок процент од 74% од едноставна причина што целата оваа криза предизвикана од СДСМ стана пречка за нормалното и секојдневно функционирање на граѓаните веќе една година, а судејќи според тенденцијата на опозицијата тие би сакале оваа состојба да оди во недоглед, вели тој за Курир.
Тој во неговата изјава констатира дека граѓаните конечно ја прозреа намерата на СДСМ по секоја цена да дојдат на власт, но пред се имаа можност да го видат моделот на владеење кој го понудија во пракса.
Кога веќе станува збор за тоа како СДСМ „експертски“ и „професионално“ владее и практично работи во министерствата во кои има технички министри, потребно е да се повикаме на фактичките постапки што ги преземаат. Така, во МВР, Министерот Спасовски изврши смена на началниците на Секторите за внатрешни работи за да постави партиски луѓе. Да го кажеме примерот на началникот на СВР Куманово кој од полицаец во Полициска станица за обезбедување на државната граница ги прескокна сите должности и стана началник на Сектор. Потоа, ситуацијата со началникот на СВР Битола кој забележа напредок во сузбивањето на криминалот, а беше заменет со кадар на СДСМ кој неможеше да открие ниту кој му го запали неговиот автомобил. Ете уште еден пример да дадеме дека началникот на полицијата во СВР Охрид е кадар на СДСМ кој е под кривична пријава и дисциплинска постапка и на кого му е одземено службеното оружје поради учество во тепачка. Во Министерството за труд и социјална политика се сменети 14 раководители на подрачни сектори за социјални работи откако претходно Министерката Ременска им правеше мобинг присилувајќи ги да потпишат менаџерски договори кои не се во согласност со закон. Да не ги споменуваме контактите со разни криминалци во креирањето на измислени афери, рече Андонов.
Тој во изјава за Курир вели дека граѓаните сакаат изборите да се одржат на 24-ти април за да се расчистат состојбите и државата да тргне нормално во својот развој.
И на крајот, сензационалистичкото однесување на СДСМ кои се обидуваат да креираат политика врз основа на дневно-политички и лични интереси веќе не е ниту забава за граѓаните на Република Македонија. Тоа претставува напор, психолошки притисок, создавање на несигурност, заостанување на развојот на државата и пред се продуцира нови ризици и закани врз личната и јавната безбедност на граѓаните. Токму затоа граѓаните воглавно сакаат одржување на избори на 24-ти Април со единствена цел да се расчистат состојбите и државата да тргне нормално во својот развој, а што со сигурност ќе отвори можност за нормално секојдневие на граѓаните, заклучи тој.