Андоновска: ПЦР тестовите не го детектираат индискиот сој, Филипче да набави реагенси

Додека во Македонија нема вакцини, тече само процесот на ревакцинација, граѓаните бараат спас и се вакцинираат во соседството, светот сериозно се подготвува како да се справи со новите соеви на корона вирусот, рече Марија Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ.

– Тоа би значело дека се потребни нови реагенси за ПЦР тестови за да се детектира овој сој. Новиот индиски сој т.н. „Делта“ според британски извештаи не се детектира со вообичаените ПЦР тестови. Но, што прави нашата власт!? Додека во светот се прават анализи, проценки за новиот сој, планови како да се постапи и слично, надлежните во Македонија немаат абер. Па да не биде дека не сме им кажале. Еве им кажуваме, како што им кажувавме и за се до сега. Уште во пред да го имаме првиот случај во Македонија, ВМРО-ДПМНЕ апелираше да се набават повеќе реагенси, масовно и бесплатно да се тестира. Но власта, релативизираше и тераше пиар – обвини Андоновска.

Заев и Венко немаа слух за апелите од опозицијата и народот, додаде таа.

– Исходот од таа нивна негрижа се над 5.000 изгубени животи и народ оставен сам да се снаоѓа како знае и умее. Со толкав процент на вакцинирани во овој момент, факт е дека тешко ќе постигнеме колективен имунитет наскоро. Со овој мал процент на вакцинирани, четврт бран е неминовен. Ама зошто Венко Филипче и Зоран Заев да се грижат за тоа како да спречат евентуален четврти бран, кога можат да уживаат. Затоа го прашуваме министерот за здравство дали има план како да се справи со евентуален 4-ти бран и дали има намера да набави ПЦР тестови кој би го детектирале новиот сој бидејќи постоечкиот не е соодветен за да открие евентуално постоење на новиот сој од вирусот. Филипче конечно да почне да работи, да заборави на провизиите и да се погрижи за здравјето на граѓаните – истакна Андоновска.