Имаме контакти со граѓаните постојани, ама ниту ние не знаеме што да им кажеме. Надлежните воопшто не се транспарентни, рече на денешната вонредна седница на Советот на Град Скопје, советничката од ВМРО-ДПМНЕ, Марија Андоновска.
Андоновска информираше дека Советот има донесено неколку одлуки за продолжување на автобуски линии, одлуки за нови линии и слично и Советот ги изгласал, понатаму ЈСП и градоначалникот се надлежни за реализирање.
„Зошто одлуките за продолжување на пет-шест линии не се продолжени, а има одлука, не е направено и зошто нема воведување на две нови линии. Лага е дека сте ни доставиле извештаи тоа се само штури извештаи, не детални. Како со 150 милиони субвенции функционирало ЈСП, а сега не може со 780 да функционира. Ние правиме онолку колку што можеме“, кажа Андоновска.
Андоновска укажа дека надлежните ниту се отчетни, нити транспраентни и во таква ситуација не може постојано да ви се даваат средства.
„Тоа се средства на граѓаните и мора да кажете што правите со нив, не може да ви се даваат средства и како можело да се функционира ЈСП со помалку средства и се да е ок“, вели Андоновска.
Според Андоновска потребно е да се дадат одговори зошто нема автобуси, сега со истурање на средства не може да обезбедат автобуси.
„Немате дадено одговор за ништо, а трошите огромни народни пари и не ги спроведувате одлуките на Советот“, заклучи Андоновска.