Парадоксално е тоа што национализмот може да се потисне со европеизацијата на Балканот, а истиот национализам е овој бугарскиот што го запира целиот тек поради амбицијата кон Македонија, вели во интервју за белградски „Данас“ Стојан Андов, првиот претседател на македонското Собрание и висок функционер во поранешната Сојузна влада на СФРЈ, јави дописникот на МИА од Белград.
Андов, кој во 1978-1980 година како шеф на југословенската делегацијата има учествувавано во преговорите со тогашна Европска заедница (ЕЗ), изјави дека Јосип Броз Тито сакал полноправно членство во ЕЗ, како и да постоеле пораки од ЕЗ за можноста Југославија, заедно со Шпанија и Португалија да стане членка на ЕЗ.
Во поглед на бугарската блокада на европскиот пат на Северна Македонија Стојан Андов изјави дека во Меморандумот на Бугарија сè е прекроено, има многу лаги и глупости.
– Во јавноста доминира реален став за окупацијата на Македонија од страна на фашистичката бугарска армија и државна администрација и за востанието на македонскиот народ против бугарскиот окупатор заедно со југословенските народи во борбата против доминацијата на Хитлер, а слуга на Хитлер беше бугарскиот фашистички окупатор во Македонија. Во тој период се пролеа премногу крв и беа извршени премногу злосторства. Македонскиот народ не може само така да ги проголта овие лаги. Сепак, Заев даваше различни изјави и тие негови изјави дојдоа како резултат на природата на преговорите во оваа фаза. Всушност, земјата кандидат во оваа фаза нема право да каже кои се нејзините позиции … Во Меморандумот на Бугарија сè е прекроено, има многу лаги и глупости. Лага е и идејата за раздвојување на македонскиот од бугарскиот народ од страна на Југославија, бидејќи југословенските ставови ги градеа сите југословенски народи, вклучително и македонскиот. Напротив, сегашната политика на бугарската влада грубо ги разделува македонскиот и бугарскиот народ и ги спротивставува еден на друг – вели Андов за „Данас“.
По ветото на Чешка, Словачка и Австрија, во ЕУ и е зададен е удар на Бугарската политика и фабрикувањето на историјата“, оцени Андов, по што Бугарската влада, нагласува тој, „не смееше повеќе да инсистира на своите ставови, увидувајќи опасност и остатантите членки да не се изјаснат како овие три земји.“
Според Андов „опасностите од бугарската политика за целиот Балкан ќе бидат реални сè додека таа земја го слави својот национален празник на 3 март – денот на потпишувањето на Санстефанскиот мировен договор“.
– Сегашна Бугарија нема сила да го спроведе Сан Стефанскиот договор. Но, за таа идеја, бугарската царска влада предизвика и водеше три крвави војни и ги загуби сите три. Овој обид со Македонија е многу сличен на претходните обиди на Бугарија да ја реализира Санстефанската идеја, овде ограничена на територијата на Македонија – оцени Стојан Андов за Данас, наведувајќи примери за страотните злочини на бугарските окупатори со „сечењето на главата на Невена Георгиева-Дуња и испраќањето на речиси 90 отсто од македонските евреи на „хитлеровците“ кои потоа сите беа ликвидирани во Треблинка“.