Андреа Серафимовски останува претседател на Здружението за градежништво во Стопанската комора

Одржување на стабилноста на градежништвото и справување со последиците од здравствено-економската криза предизвикана од пандемијата поради ковид-19, на краток рок и зголемување на конкурентноста на градежните компании, унапредување на соработката помеѓу научно-истражувачкиот и реалниот градежен сектор и афирмирање на интересите на членките на домашен и меѓународен план, на долг рок, се приоритети кои ги дефинираше Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите.

Во рамки на пленарната седница и во присуство на претставници на компаниите-членки, Здружението при Стопанската комора на Македонија за претседател на Управниот одбор повторно и едногласно го избра Андреа Серафимовски од „Гранит“ АД – Скопје, а беа избрани и 4 потпретседатели: Даниел Цеков, „Адинг“, Михо Јаневски, Градежен институт „Македонија“ (ГИМ) и Ѓуро Чубриновски, „Масон Инженеринг“.

Избран е и нов Управен одбор кој претставува спој на знаење и долгогодишно искуство во сите сегменти на градежништвото и оперативно тело кое во следниот период ќе се залага за решавање на приоритетните прашања во секторот и претставување на интересите на градежните компании пред надлежните институции и пошироката јавност.

– Градежништвото има потенцијал и капацитет да го даде импулсот за справување со неизвесноста и последиците од здравствено-економската криза и да биде движечка сила во идниот период кој е пресуден за стабилизирање и закрепнување на македонската економија. Поради тоа, планирањето и реализацијата на инвестициите во овој сектор заслужуваат посебно внимание. Анализирана долгорочно корона-вирус кризата може да отвори нови можности и простор за решавање на горливите прашања за градежништвото од изминатиот период, како што е прашањето за задржување на квалификуваниот кадар во земјата и за градење стратегија за поголем ангажман на домашните градежни компании. Сметам дека Управниот одбор со оглед на своите професионални квалификации, посветеност и искуството ќе придонесе за соодветно насочување на активностите и остварување на зацртаните цели- истакна Андреа Серафимовски.

Компаниите-членки на седницата дискутираа за тековното работење и последиците врз градежниот сектор предизвикани од пандемијата, со акцент на состојбите во изминатиот период.

Иако градежништвото немаше директна забрана за вршење на дејноста, мерките за рестрикција на движењето на населението имаа индиректно влијание врз градежната актвност и динамиката на извршување на започнатите проекти. Воедно, поврзаноста на градежништвото со транспортот, угостителството и други сектори кои беа најпогодени од кризата, придонесе одредени работни процеси и кај оние компании кои продолжија со работа да се одвиваат забавено или отежнато, исправајќи го градежништвото пред предизвици кои во најголем дел се однесуваат на продуктивноста на трудот, организацијата на работата на тековните проекти, ликвидноста и наплатата на побарувањата, како од страна на јавните и државните институции, така и од страна на други правни и физички лица.

Во првото полугодие од 2020 година градежништвото забележа раст од 1,05% споредено со првото полугодие од 2019 година, но до крајот на годината состојбите се неизвесни, а се очекува економските последици од пандемијата врз деловните субјекти да се продлабочат.

Во таа насока, предуслов за градежништвото да придонесе за враќање на нормалните текови и повторно раздвижување на економијата е да се посвети внимание на одржување на соодветна динамика на јавните работи, но и во консултација со секторот да се креираат дополнителни мерки, за што Здружението ќе претстави конкретни предлози во следниот период.

Седницата се одржа во Стопанската комора на Македонија со примена на мерките за превенција и заштита од корона-вирусот, а имаше можност и за „онлајн“ вклучување и дискусија преку webex-платфромата.

ИЗВОР: Стопанска комора на Македонија