Анестезиолог од тетовската болница е осомничен за непочитување на професијата и неовластено снимање

Портпаролот на Секторот за внатрешни работи во Тетово, Фатмир Реџепи во изјава за медиумите вели дека анестезиологот е осомничен за непочитување на професијата и неовластено снимање.

„Обвинителството дополнително ќе треба да одлучи за постапката против 43-годишниот анестезиолог В.Д од тетовската болница, кој „во живо“ на Тик Ток прикажуваше пациентки. Се зависи од нив. Значи, што се однесува до овие две кривични дела, односно непостапување непочитување на професијата и неовластено снимање, се зависи од штетата што може да ја нанесе видеото што е објавено, а и обвинителот дополнително ќе изрече мерка“, изјави портпаролот на СВР Тетово Фатмир Реџепи.

Ноќеска е приведен анестезиологот од Клиничката болница Тетово, кој во живо на Тик Ток снимаше пациентки и вработени во една од салите за гинекологија во болницата во Тетово.

За попладнево е најавена конференција на директорот на Клиничката болница Тетово Плумб Вела кој во полиција го пријави анестезиологот.

Тетовската болница се соочува со низа проблеми во работењето од технички, а по се изгледа и од професионален аспект. Болницата се соочува со недостиг на секаков вид на медицински кадар како и дотраени и нефункционални апарати.