Специјалната јавна обвинителка во оставка, Катица Јанева, пред малку се појави во Обвинителството за организиран криминал и корупција, каде што треба да даде исказ за случајот „Рекет“.
-Јас се уште сум специјален јавен обвинител. Моите обвинители ги работат предметите и се надевам дека оваа есен ќе има разрешница на неколку случаи. Што се однесува денеска до мојот денешен исказ се надевам дека со моите аргументи ќе ја забрзам истрагата, рече Јанева.
Пред обвинителството Јанева, покрај многубројните новинарски екипи ја пречека и адвокатот Стеван Павлески, со кого заедно влезе во обвинителството и не одговори на ниту едно новинарско прашање и покрај инсистирањето на новинарите.
Јанева досега децидно отфрлаше каква било вмешаност во „Рекет“, а за Боки 13 рече дека ѝ го злоупотребувал името. Во една од писмените изјави, таа дури и посочи дека Боки 13 преговарал со Камчев за тој да стане соработник, сведок во нова предистрага на СЈО.
Освен Јанева во рамки на истрагата беа сослушани и шефицата на нејзиниот кабинет како и тројца обвинители: Елизабета Јосифоска, Лиле Стефанова и Бурим Рустеми.