Јаневска: Концепцијата во образованието е катастрофална, но власта нема смелост да го каже тоа

„Не можеме да очекуваме образованието да биде многу поразлично од сите други ресори и настаните кои што се случуваат во целото општество. Па, така и образованието не можеме да очекуваме дека ќе биде оаза на убавина во едно општество во кое де факто гледаме многу црнила“, истакна Весна Јаневска, претседател на Комисија за образование и наука на ВМРО-ДПМНЕ во емисијата „За или против“ на Алфа телевизија.

Јаневска потсети дека одреден број на ученици се уште немаат учебници. Но, и не се надополнети старите учебници, како што е се тие за географија и за странски јазици. Наставата се сведува на огромен број на часови со диктирање од наставниците за одреден материјал, бидејќи учебници нема.

„Не можеме да очекуваме некакви успеси во образованието ниту оваа година. Ние како партија, ова што се случува во образованието го предвидовме и го укажувавме. Сѐ ова што се случува е само на штета на учениците, на нивните родители, па и на наставниците“, рече Јаневска.

Таа посочи дека концепцијата е пропадната со тоа што власта нема смелост да го каже тоа на македонската јавност.

„Власта направи интеграција на предмети, меѓутоа и самата увиде дека такво нешто не е можно, не само затоа што нема кадар кој ќе предава интегрирани предмети, туку затоа што и бројот на наставници, паралелки, училишта, подрачни училишта, итн. не дозволуваат вакво нешто. И за да не признаат дека не е можно тоа, наместо предмети, во интегрираните предмети направија по три модули. Па, така во предметот историја и општество имаме модул историја, модул географија и модул граѓанско образование. Што значи де факто имаме три предмети“, појасни таа.

Укажа дека оваа година за првпат концепцијата започнува во шесто одделение и е катастрофална. „Наставниците и родителите се сосема свесни каква катастрофа е тоа“, рече таа.

„Концепцијата мора да претрпи длабока ревизија“, додаде Јаневска.