Јаневска на средба со претставници на Американскиот мировен корпус

Плодната соработка меѓу Министерството за образование и наука и Американскиот мировен корпус успешно продолжува. Волонтерите на организацијата се силна поддршка на професорите по англиски јазик особено во рурални средини, преку заедничко одржување на часови и со организирање на воннаставни активности им помагаат на основците и средношколците во проширување на јазичните вештини. Значајна е и поддршката на училиштата во инклузивните практики за учениците со посебни потреби. Ова беше констатирано на средбата на министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска со директорот на Мировниот корпус во Македонија,  Дејвид Рисајд.

Заблагодарувајќи се на посветеноста на волонтерите, министерката Јаневска изрази увереност дека партнерство со Мировниот корпус ќе се движи по нагорна линија, а соработката може да се развие на повисоко ниво и да се прошири, во интерес на локалните заедници кон кои е насочена волонтерската помош.

Во моментов Мировен корпус во земјава има 26 волонтери. Минатата година волонтерите подучија 1.493 ученици и соработуваа со 29 професори по англиски јазик. Соработката на Македонија со Американскиот мировен корпус датира од 1996 година, кога беше воспоставен првиот Проект за унапредување на наставата по англиски јазик преку договор меѓу двете влади.

Мировниот Корпус е американска невладина организација посветена на светскиот мир и дружење. Организацијата работи преку волонтери кои две години живеат и работат во локалните заедници. Основана е во 1961 година од страна на претседателот Џон Ф. Кенеди.