Јаневска: Нема веќе „по партиска линија“ и „лични интереси“- состојбите во образованието одат кон подобро

Убаво е да се разгледуваат странски искуства, но „научна фантастика е целосно да отсликате туѓ образовен систем во сопствената земја“, вели министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска, која од јавноста доби многу високи оцени за досегашната работа и посветеност.

Таа во интервјуто за Нова Македонија потенцира дека образовниот систем, особено основното и средното образование, влегува во период на опсежни и суштински реформи за да се фатат духот и потребите на времето. Како базичен сектор во општеството, земјата не би смеела повеќе да експериментира со разноразни реформи, туку треба да се фати одреден курс и по него да се продолжи.

Јаневска истакнува дека нема да говори за преземање модели од Финска, Сингапур…, туку ветува многу труд и максимална посветеност во работата. „Со креирање декларација или определба со широк политички консензус ќе спречиме понатамошни импровизации во образованието, какви што гледавме во изминатите години“, категорична е министерката.

Таа притоа ветува бескомпромисност и нема да се има милост кон ниту една високообразовна установа што нема да ги исполнува условите за работа или нема да ја врши својата дејност како што наложуваат законските прописи, без разлика дали се работи за приватна или за државна установа. „Нема селективност. Наскоро ќе предложиме заедно со универзитетите нов закон за високото образование“, обелоденува таа.

-Министерството за образование и наука под мое водство ќе подготви два стратегиски документа.
На едниот веќе се работи. Тоа ќе биде определба, декларација или можеби ќе има друг назив, за која ќе бараме да биде усвоена со политички консензус во Собранието. Во неа ќе има јасно дефинирани цели за долгорочен развој на квалитетот на образованието и насоки за остварување на тие цели. Идејата е јас, но и секој следен министер да се води по тој документ при креирањето на политиките и да не може да спроведува „свои реформи“. Вториот документ, пак, ќе биде Национална стратегија за образование со важност од 2026 година, имајќи предвид дека постојната усвоена во 2018 година има рок до крајот на 2025. Секако, ќе претходи анализа и со новата стратегија ќе ги продолжиме оние активности што даваат ефект, а ќе ги отстраниме или пренасочиме оние што не го даваат очекуваниот резултат.

Ова се првичните коментари на ресорната министерка која одамна и пред овие избори во јавноста зборуваше мошне аналитички за потребата од сеопфатна национална стратегија за образовниот систем, при што клучниот збор се реформи.

– Дали МОН сега е навлезен во некој преоден период кон клучните реформи? Што скенирате Вие и Вашиот тим? Каде можеме да ги видиме главните столбови на кои ќе се потпира и ќе ги опфаќа реформите?

Во неколку наврати имам посочено дека дејствуваме одеднаш во повеќе сегменти и влијаеме на повеќе аспекти од кои зависи квалитетот на националниот образовен систем. Големата негрижа во изминатите неколку години создаде многу предизвици, кои мораме да ги решиме веднаш и да го стопираме слободниот пад на образованието.
За 100 дена направивме многу. Обезбедивме учебници навремено. Ги исплативме сите долгови што ги наследивме од претходната влада и вративме пари во испразнетата каса на министерството за да можеме нормално да ги сервисираме обврските до крајот на годината, како на пример исплатата на плати на наставниците. Замислете, кога го презедов министерството немаше ниту пари за исплата на основните плати на наставниците, а камоли за нивно зголемување. Сега дури и донесовме одлука за покачување на платите веќе од овој месец, како дел од подолгорочен план за подобрување на општествениот и материјален статус на наставниците.
Понатаму, отпочнавме процес на ревидирање на Концепцијата за основно образование и на изработка на нови наставни програми за седмо, осмо и деветто одделение, каде што годинава се предвидуваше спојување предмети, спротивно на ставот и волјата на наставниците. Отпочнавме процес на изработка на нови наставни програми во гимназиското образование. Започнавме низа капитални инвестиции за подобрување на образовната инфраструктура. Ангажиравме над 1.000 образовни асистенти во основното образование, најмногу досега. Има и многу други работи за кои транспарентно дадов отчет пред неколку дена и можам да кажам дека е видливо задоволството од тоа што го преземаме. Секако, има и понекоја критика, но тоа мотивира да бидеме уште подобри.

– Претходната влада се заглави со форми, односно системи, па се зборуваше за спроведување фински модел или словенечки, но изостана содржината. Дали тука некаде лежи потребата од реформи? Дали можеби и Вие скенирате странски образовни системи од кои нешто може да се преземе и примени и кај нас?

-Убаво е да разгледувате странски искуства, но научна фантастика е целосно да отсликате туѓ образовен систем во сопствената земја. Секоја држава има свои општествени услови, национални особености и специфичности. Така што јас нема да говорам за преземање модели од Финска, Сингапур или не знам од каде… Само ќе ветам многу труд и максимална посветеност во работата, заедничко креирање и спроведување на промените што сите ги очекуваме. И, да се навратам на одговорот на едно од претходните прашања – со креирање декларација или определба со широк политички консензус ќе спречиме понатамошни импровизации во образованието, какви што гледавме во изминатите години.

– На кои образовни нивоа и сфери ќе се фокусира реформата?

-Ако треба да генерализирам кон што целат нашите политики, тоа се поквалитетни наставни програми и учебници, подобра инфраструктура и опременост на училиштата, забрзување на дигитализацијата, нов модел на инклузија и поголема мотивација за наставниот и стручен кадар во училиштата. За сето ова планираме етапно зголемување на буџетот за образование од 3,4 отсто од БДП на 5 отсто во следните четири години, но и на буџетот за наука од 0,3 отсто на 1 отсто од БДП, затоа што нашите научноистражувачки работници навистина имаат потреба од поголема поддршка во реализација на нивните идеи и проекти.

– Повеќе ревизии открија, а и Вие во повеќе наврати изјавивте дека има сериозни проблеми на повеќе приватни универзитети. Очигледно не е проблем само „штанцањето“ дипломи, туку веројатно станува збор за аномалија што сериозно го урива кредибилитетот на високото образование, па и на професорскиот кадар. Ваш коментар?
Се согласувам со вас. Ние имаме многу приватни универзитети, кои единствено целат кон создавање профит, без да се обрне внимание на суштината на постоењето – образување кадар и креирање иднина на оваа држава. Ќе повторам дека нема да имаме милост кон ниту една високообразовна установа што нема да ги исполнува условите за работа или нема да ја врши својата дејност како што наложуваат законските прописи, без разлика дали се работи за приватна или за државна установа. Нема селективност, од самиот почеток на мандатот започнавме ревизија во работата на оние универзитети каде што имаше повеќе пријави, а продолжуваме и во сите други. И да, веќе и стопиравме отворање нови приватни факултети, а затворивме и еден приватен институт што не ги исполнуваше основните услови за работа. Наскоро ќе предложиме заедно со универзитетите нов закон за високото образование. Тие што продолжуваат да работат образовна дејност, ќе мора да понудат квалитет, во спротивно ќе нема место за нив во високообразовниот простор.

– Во врска со основното образование веќе најавивте потреба од воведување едносменска настава. Секако, ова е за поздравување, но очигледно во некои средини тоа е невозможно. Како ќе го решавате овој проблем, затоа што тоа ќе бара инвестиции за изградба или доградба на училишта?

-Во 140 училишта веќе е воведена едносменска настава, а наскоро ќе се воведе и во дополнителни педесетина. Како влада и министерство не велиме дека за многу кратко секаде ќе има едносменска настава. Свесни сме дека се потребно време, некаде помали, а некаде покрупни инфраструктурни инвестиции. Но имаме поддршка од Светската банка и од УНИЦЕФ, ги скенираме состојбите и утврдуваме каде и колку треба да се вложи. Етапно ќе создаваме услови за учениците да посетуваат настава во една смена и да минуваат повеќе време во училиште, да имаат продолжен престој во училиште бидејќи оваа пракса се покажала како многу успешна во голем број земји. Дополнително, поекономична е и поефикасна.

– Сметате ли дека е можен консензус: дали имате некакви анализи каде би можеле да бидат закочени реформите?

Со доволно голем буџет може да се обезбеди континуитет на сите промени што ги планирам заедно со чинителите на воспитно–образовниот процес. А буџетот постепено ќе расте. Следната година ќе изнесува над 40 милијарди денари, за првпат. Досега изнесуваше околу 30 милијарди, па со ребаланс претходните влади дури и го кратеа.

– Во овој процес би требало активно да бидат вклучени и родителите, особено што веќе во многу земји, на пример, мобилните телефони не се дозволени во училиштата додека трае наставата. Ова би требало да биде императив за сите во интерес на сите. Но тоа ќе бара и многу подобра комуникација на училишниот персонал со родителите, особено додека трае наставата. Планирате ли и ова да биде дел од реформите?

Наставниците се тие што ја организираат и водат наставата и најдобро знаат кога, во која ситуација треба да се дозволи користење на ИТ-уреди заради полесно совладување на наставната материја или одредени наставни цели, а кога тоа треба да се ограничи. Немаме законска регулатива што наложува мобилните уреди да не се користат во училиштата, но секако, МОН е во постојана комуникација со нив и доколку се изрази потреба од одредени иницијативи и активности во овој дел, заедно ќе ги дефинираме и спроведеме.

– Практично од 2026 година, еве ќе ја земе таа година за нулта, од кога една генерација првоодделенци ќе тргнат по патот на реформираното образование. Ние се надеваме дека токму едно ново модерно основно и средно образование ќе ги мотивира учениците, но и родителите да останат во Македонија. Да придонесат токму во земјата што им овозможила да се стекнат со знаења и вештини и да му го вратат тоа на општеството на најдобар начин. Верувате ли во едно вакво позитивно сценарио или повторно некоја идна влада беспотребно ќе се обидува да измислува топла вода?

Сигурна сум дека ќе ги промениме состојбите кон подобро. Имаме искрен пристап, работиме заедно со граѓаните, со оние што сакаат да помогнат за поквалитетно образование, а тоа значи дека нема повеќе кабинетско дејствување и одлучување зад затворени врати. Знаете како се носеле одлуки за основање приватни факултети? Мислам дека сите знаат – по партиска линија и за лични интереси. Имаме еден таков во Струга. Тоа повеќе нема да биде политика во Македонија. Можеби нема да го спречиме одливот на човечки капитал, но сигурно во голема мера ќе го намалиме, а ќе создадеме и услови за оние што заминале, да почнат да размислуваат за враќање и да се вратат.
Неодамна во едно интервју, премиерот ги повика младите што заминале во странство, а имаат дипломи од области како архитектура, ИТ и слично, да се вратат и веднаш преку Владата ќе бидат вработени. И да ви кажам дека веќе пристигнуваат пораки од наши млади, кои ни доставуваат биографии, кои би сакале да се вратат и се нудат да ѝ помогнат на државата. Значи, доволно било некој да им се обрати и да ги повика, што не се случувало со години. Тоа создава голема емоција и поттикнува да продолжиме да се заложуваме.

– Да не го заборавиме и синдикатот како важен чинител во сите овие процеси што ќе следуваат. Секако не е сѐ во парите, но и потценета професија секако е проблем. Можете ли да видите партнер во синдикалците, ќе имаат ли трпение до отворањето на суштинскиот дијалог?

Можам да кажам дека со СОНК имаме навистина добар и партнерски дијалог и, еве, веќе имаме и плод од тој дијалог – покачување на платите на вработените во основните и средните училишта од овој месец за 5 отсто. А тоа, пак, како што и споменав, е дел од подолгорочен план за раст на платите од најмалку 46 отсто, но и за враќање на дигнитетот на наставничката професија и поголема општествена почит кон наставниците. Им благодарам на сите наставници што не подлегнаа на политичките притисоци во изминатите три месеци за организирање протести и откажување од најдобрите интереси на учениците и што продолжија да им се посветуваат. Следуваат подобри времиња и услови за работа за сите нив.