Јаневска: Платите во образованието треба да се усогласат со колективниот договор и да се нивелираат според минималната плата

Се доцни со обуките за наставниците кои треба да ја спроведуваат новата програма и тоа е исто толку страшно како немање учебници. Значи наставниците добиваат нови содржини, нови предмети како Историја Општество и за нив требаше да се одржат обуки, изјави претседателката на Комисијата за образование и наука на ВМРО-ДПМНЕ, Весна Јаневска во вечерашното гостување во Централниот дневник на ТВ Сител во „Тема на денот“.

Јаневска посочи дека државата треба сериозно да си направи план и стратегија што ќе прави со образованието затоа што таа „сто пати повторува дека ако нема образование нема држава“ и не може ништо друго да функционира што всушност јавноста го гледа, како што рече,  затоа што необразовани луѓе раководат на одредени значајни места и ние сме во ваква состојба во која што сме.

„Немањето кадар особено за професорите по Математика, Физика, Хемија, Информатика знаете јавна тајна во Македонија нашите информатичари уште пред да завршат факултет се вработуваат во странски фирми и онлајн работат од дома и земаат пет пати поголеми плати од наставниците“, рече Јаневска.

Посочи и дека денеска министерот за образование рече дека Владата „направила многу“ и им ја зголемила платата за 15 отсто, но притоа не рече дека инфлацијата дефакто им го поништи тој процент.

„Тие и со ова покачување на наставниците кои се луѓе од крв и од месо имаат семејство и свој потреби, тие со ова покачување сега во септември не може да си дозволат да си обезбедат тоа што можеа во јуни без покачувањето“, рече Јаневска.

Потенцираше дека ова покачување воопшто не треба да се смета како нешто значајно што го направила Владата. Бидејќи она што секако им е ветено од оваа власт а тоа е според колективниот договор нивелирање на нивните плати според минималната плата во државата.