Јаневска: Повлекувањето на Законот за учебници не е искрен потег, со СДСМ не можеш да си на сигурно

Веста дека Владата го повлекла Предог законот за учебници брзо се прошири во јавноста. Поверувавме дека министерката Царовска конечно го слушнала гласот на народот, посетила неколку училишта надвор од Скопје и на крај ги слушнала и аргументите на ВМРО-ДПМНЕ. Ден потоа, веста дека Владата не се откажува од дигиталните учебници наметнува дилема дали Владата и Царовска искрено го повлекуваат Законот за непромислените реформи или се обидуваат да ја изиграат јавноста, обвинува Весна Јаневска, Претседател на Комисија за образование на ВМРО-ДПМНЕ.

Во продолжение следува интегрален текст од нејзината прес-конференција:

Стравуваме дека  Владата на СДСМ се уште не е свесна за незадоволството на наставниците и родителите од новите натурени и избрзани реформи во образованието и сакаат пред локалните избори да ја симнат темата од дневен ред.

Познавајќи дека досега Царовска го водеше целиот процес на сила, нетранспарентно и без уважување на мислењата на експерите, се сомневаме дека може како и досега тајно и кришум да го наметне истиов предлог  со некаква несуштинска нова шимнка или обланда.

Сомневањата дека се работи само за политичко менаџирање на незадоволството, го темелиме на фактот што не се повлечени распишаните огласи за дизајн и развој на мобилни апликации, интерактивни образовни содржини за 4 предмети, консултантски услуги, оглас за вработување на координатор за дигитално учење и слично. Овие огласи се уште на веб страната на МОН и се показател дека повлекувањето на законот од собраниска процедура не е искрен чекор на владата.

Дали Владата ја манипулира јавноста во обид да го спречи референдумот или можеби има и технички и други проблеми за процесуирање на законот, останува да видиме, но истовремено ја алармираме јавноста, родителите, наставниците и експертите будно да го следат овој процес, затоа што со власта на СДСМ, никогаш не можеш да бидеш на сигурно.

Дали и ова претставува нова манипулација на сопствениот народ за одржување на власт, за спас на бродот кој тоне?

Ова што се случува во образованието веќе не е само мачно туку станува и неподносливо.