Јаневска: Учениците и наставниците се под постојан стрес, немаат како да го надоместат пропуштеното додека МВР не ги откриe сторителите и обезбеди училиштата

Трагичен е овој феномен кој трае три недели каде што учениците и наставниците секој ден се под стрес дека имаат бомба во училиштето. И замислете, МВР секој ден праќа антитерористичка единица да провери дали таму има бомби, при што заклучува дека нема. Ваквата безидејност за решавање на овој проблем е трагична. МВР може да постави 24 часовен надзор на училиштата, порани тие полицајци ги викавме позорникарни, во две смени, во три смени. Ако училиштето има три влеза, па да затвори еден и на еден влез да стави, другите да се заобиколуваат, за да не мора секој ден антитерористичка единица во пет училишта, а некогаш и девет да троши ресурси и да не се под постојан стрес персоналот, наставниците и учениците, вели претседателката на Комисијата за образование на ВМРО-ДПМНЕ, Весна Јаневска.

Во гостувањето во „Тема на денот“ во централниот Дневник на Сител телевизија истакна дека не знае како ако не се реши овој проблем  учениците ќе ги надокнадат пропуштените часови, можеби ќе држат настава на плоштад или во парк, извинувајќи се за ироничниот израз.

Јаневска посочи дека и претходно министерот рече дека ги знаат сторителите, само уште IP адресите да ги најдат, ама не ги најдоа ни IP адресите ни сторителите.

„Јас би сакала уште утре да ги најдат за да може нормално да продолжи наставниот процес. А дали ова води кон онлајн настава? Можеби и склоп на повеќе елементи водат кон онлајн настава, но јас тврдам дека тоа ќе биде нај лошото можно решение за нашите ученици кои веќе трета година не би оделе со физичко присуство. И наставниците и учениците се желни да се присутни во училиште и заради подобриот процес на образованието, и заради социјализацијата на децата кои две години беа затворени“, рече Јаневска.

Додаде дека во вакви услови на постојани дојави ја поставени бомби во училиштата, наставниците немаат каде да ја надокнадат пропуштената настава.

„Ако утре ги откријат сторителите или превземат некои други мерки кои јас ги истакнав, ако полицијата превземе одговорност да ги обезбеди тие објекти од висок терористички ризик, де факто тоа се и некаква, како што самиот министер рече дека тоа е хибридна војна, тогаш би можеле да работат нормално. Конечно и ќе видат, ако ги обезбедат училиштате и повеќе не добиваат таму закани, можеби ќе се префрлат заканите кон друго, тоа ќе биде некаква друга трага, кон други објекти, кон други таргети. А вака, осатавени сами на себе, а бараме од нив. Како да ја држат наставата ако во понеделник пак имаат дојава за бомба“, запраша Јаневска.

Додаде дека ако продолжат дојавите и во наредниот период тоа ќе бидат десетици изгубени работни дена, па ќе дојде распуст, претпоставувајќи дека ќе речат за време на распустот да се надокнади пропуштената настава.