„Во моментов наследуваме катастрофална состојба. Буквално нема област, институција која може да ја наречеме целосно функционална. Граѓаните во предизборието велеа никогаш не било полошо и буквално е така. Јавниот долг на крајот на 2023 година достигна рекордни 62,1% од БДП. Во наредните 5 години само по основ на камати треба да се платат 1,8 милијарди евра. Судство со доверба од 3%, политички затвореници и селективна правда. Епидемија на криминал и корупција во сите пори“, истакна пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Силвана Ангелевска на денешната собраниска седница.
Таа продолжи и додаде:
„Програмата што ја понуди мандатарот за 2024-2028 година се состои од квалитетен животен стандард, економски раст, зголемување на БДП до 5%, 55,000 нови работни места, поддршка за приватниот сектор, национален план за демографија со низа на мерки кои ќе ја намалат и ублажат состојбата со негативниот прираст и иселувањето на нашите млади луѓе, во однос на енергетиката предвидени се низа долгорочни инвестиции и капацитети кои ќе гарантираат енергетска стабилност и зголемување на домашното производство на енергија, вложување во нашиот столб во РЕК Битола и продолжување на животниот век. Системска борба против корупцијата, владеење на правото во институциите, реформа на јавната администрација, развиени локални самоуправи и за таа цел годишно 250 милиони евра ќе се префрлаат во општините за рамномерен регионален развој и проекти за подобрување на локалното население. Функционален институционален систем, здравство, образование, животна средина, социјална заштита и посветена грижа за пензионерите. Национални приоритети надворешна политика, безбедност и одбрана, култура, спорт и развиен туризам , права и слободи и еднакви можности за сите“, кажа Ангелевска.
Таа во однос на кадровските решенија во новата Влада истакна дека тие се луѓе со богати биографии, стручни и професионални во своите области.
„Во однос на кадровските решенија понудени се кандидати луѓе со богати биографии , стручни професионални искусни и компетентни за областите кои се предложени. Иако наследуваме држава испукана по сите сфери , сигурна сум дека идните министри предводени од премиерот ќе вложат вонредни напори во решавањето на проблемите на граѓаните“, заклучи Ангелевска.