Војувавме насекаде каде што имавме наредба да војуваме, победивме секаде каде што имавме наредба да војуваме, ја одбранивме нашата татковина Македонија и не дозволивме да биде отцепена ниту педа македонска земја – реплицираше Стојанче Ангелов, ветеран од војната во 2001 година, на изјавите на лидерот на ДУИ Али Ахмети дадени на партиски собир во Шипковица, каде меѓу другото рекол дека ги советувал Украинците да истраат во војната и ќе победат, како што тој и УЧК победиле во војната во Македонија во 2001 година.
„Вие ќе ја добиете оваа војна. Бидете силни и не предавајте се никогаш, така победивме и ние, бидејќи ние не се предадовме никогаш!“ – рекол Ахмети на средба со украинска делегација.
„Ваквата изјава на Ахмети е некоректна, неполитичка дури би ја нарекол и безобразна, затоа што, да се споредува нападот на Русија врз Украина со одбраната на Македонија во 2001. е неточно и невкусно бидејќи се работи за два сосем различни воени конфликти. Во 2001 година Република Македонија и нејзините вооружени сили беа нападнати од УЧК. Со комуникето број 4 УЧК побара од „Славомакедонците” да ги напуштат вековните албански огништа. Но ние, припадниците на македонските безбедносни сили, војувавме насекаде каде што имавме наредба да војуваме, победивме секаде каде што имавме наредба да војуваме, ја одбранивме нашата татковина Македонија и не дозволивме да биде отцепена ниту педа македонска земја.
Откако од УЧК увидоа дека никако не можат да се спротистават на македонските безбедносни сили, ја сменија стратегијата а со тоа и реториката и наместо борба за ослободување на вековните албански огништа почнаа да зборуваат за борба за човекови права. На тој начин, преку ноќ, од убијци и разбојници како што ги нарекуваше тогашниот генерален секретар на НАТО Џорџ Робертсон, станаа борци за човекови права.
Сакам да верувам дека изјавата на Ахмети е кажана наменски, како дел од политичкиот говор за подгревање на националната атмосфера на собирот во Речица но апелирам до сите политичари, посебно до највлијателните, да бидат исклучително внимателни и да престанат да користат ваква распалувачка реторика. Бидејки, само неколку погрешни реченици може да предизвикаат значаен чекор назад кон влошување на меѓуетничките односи, нарушувајќи го процесот на помирување на кој макотрпно работиме години наназад“ – напиша Ангелов на својот профил на Фејсбук.